Мицкоски: Нема да дозволиме не пазарно однесување на ланците на маркети, имаме следни микро таргетирани мерки
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на проценките за инфлацијата која е 4,9% и за тоа дали се потребни поголеми мерки, бидејќи потрошувачката кошничка во еден месец не може да се наполни ни со две минимални плати, изјави:
„Ако мислите на потрошувачката кошница којашто ја имаат синдикатите, односно Сојузот на синдикати, самите автори на истата рекоа дека таа е просечна, не минимална.“
Во однос на општите трошоци со оглед на тоа што секојдневно цените во маркетите се високи и дали треба да се направи уште нешто по тоа прашање, премиерот Мицкоски рече:
„Апсолутно се согласувам со вас дека цените се високи и дека она коешто ние како Влада го правиме, а го имаме на располагање, е да имаме следни микро таргетирани мерки. Но, ја следиме, ќе повторам, состојбата и ќе носиме мерки во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата. Затоа што, сепак треба да имаме предвид дека оваа година враќаме две и пол милијарди евра стари долгови. Дека оваа година враќаме солидарен данок, којшто веќе почнавме да го враќаме. Дека исплаќаме Колективни договори и така натаму и така натаму. И нѐ задесија две војни, таа во Украина и таа во Заливот. Многу предизвици, но тоа е што е. Не кукаме, не очајуваме. Заедно сме со граѓаните и нема да дозволиме не пазарно однесување на ланците на маркети. И тоа внимателно го следиме со вонредни инспекциски контроли од страна на Државниот пазарен инспекторат.“



