Мицкоски: На Скопје му треба човек што го разбира градот, ќе работи и ќе го развива во модерна метропола, Орце Ѓорѓиевски е вистинскиот избор за Скопје
Почитувани присутни,
кандидати за градоначалници и идни градоначалници,
драги пријатели, браќа и сестри,
Секој од нас овде денес има своја приказна. И таа приказна ја носи поврзаноста со својот град.
И секоја од нив започнува таму каде што чекориш секој ден – по твојата улица, низ твоето маало, во твојот град.
Таму беа првите радости но и првите таги. Првите победи но и првите порази.
Таму ги живееше првите подвизи но и првите разочарувања. Таму се твоите соништа, твоето семејство, твоите надежи. Твоите најважни мигови.
Секој од нас во срцето носи една тивка мапа – од улици, агли и дворови што нè изградија и ни дадоа сила.
Места кадешто првпат паднавме и места кадешто повторно се исправивме.
Каде што ја научивме најважната лекција – дека животот е борба, но и надеж.
Тоа маало, тој град, таа земја – тоа сме сите ние заедно.
Нашата историја. Нашата болка. Но и нашите соништа.
И градот Скопје, како таков, секогаш бил уникатно место на спомени, приказни раскажувани, но и приказни недоискажани.
На надеж, на тага, но и радост.
Нашиот град никогаш не бил само бараките на Илинденска покрај паркот, туку многу повеќе – и во карактерите и човечките судбини кои го обликуваат овој град, но и во мирисот на липите на пролет, во сеќавањата на чистиот Вардар, во утрата на клупите на Партизанска и Илинденска, во дружбата по маалата, скопското корзо, катчињата по населбите кои го сочинуваа градскиот живот.
Секој од нас си има своја замисла, своја визија но и свој поглед на Скопје.
И секој еден е подобар, поубав и со поголем ентузијазам од она што денес реално го имаме и го живееме.
Сеќавањето за минатото во Скопје не е само очекувана и разубавена носталгија за времињата кои поминале, туку во себе носи и еден револт кај секој од нас за она што попатно го загубивме во градот и денес го немаме – нормалниот живот, чистиот град, животот во Скопје полн со приказни, функционални решенија и основа за создавање на нови приказни и надежи за сегашните но и за и идните генерации.
Можам да кажам дека денес Скопје се бори да ги задржи основните функции кои треба да ги има еден град и се бори за опстојување како метропола. Да бидеме искрени, Скопје денес е истоштено. Тоне меѓу политиканство и незаинтересираност. И тоа мора да запре.
Прво и најважно – мора да биде очистен и среден град.
Скопје кое нема да има смет по улиците, преполни контејнери и постојана борба да се складира отпадот во депониите прописно.
Скопје треба да го реши јавниот превоз.
Постојките преполни со луѓе кои чекаат превоз мора да станат минато.
Функционирањето на јавниот превоз мора да подразбира складни решенија кои ќе бидат функционални и одржливи.
Скопје мора да се поврзува – да се градат мостови, сообраќајници и клучки, да се реши она што ги мачи сите скопјани а тоа е сообраќајниот хаос.
Но исто така мораме да го вратиме и Скопје од нашите сеќавања од детството – на зелените паркови, тревниците, на незагаденото и еколошки чисто Скопје.
Скопје секогаш бил и град на култура, уметноста и динамичен живот.
Да се врати Универзалната сала, нова зграда на Драмскиот театар, концертите, претставите, животот полн со случувања.
Да се восхитува и вреднува уметниците кои оставија трага во овој град, да се вреднуваат нивните дела и да се дава поттик и енергија за создавање на нови имиња и вредности.
Скопје денес е загубено и заглавено во дневната политика, препирките, нефункционалноста и лошото менаџирање.
Мотивот зад таквата слика е веројатно во лукртивноста и политичките комбинаторики од кои жртва се токму граѓаните на Скопје.
Една од првите задачи на новата администрација и градоначалник мора да биде лоцирање на одговорноста согласно законот и правото.
Мора да има одговорност за упропастениот и нефункционален град, за оставениот хаос и упропастените институции, за градот затрупан во отпад и за часовите поминати во чекање на јавен превоз.
Само така може да се подвлече линијата од која се става крај на хаосот и почнува развојот, работата за Скопје и создавањето на она за што денес сите се бориме – нормален и среден град.
Тука ќе подвлечам две работи:
Прво – во однос на предложувањето на кадровски решенија, ви кажувам дека ги научивме лекциите од минатото и грешки нема да има.
Второ – она што треба да се направи во Скопје подразбира многу работа, посветеност и вистински луѓе на вистински места.
Градоначалник е само титула. На Скопје му треба повеќе од тоа – му треба човек.
Му треба карактер кој го разбира градот, кој ќе го развива.
И Орце е вистинскиот избор за тоа.
Прво човек, а потоа градоначалник.
Овој избор не е партиски – тој е човечки.
Тој е за вашето маало, за вашето семејство, за вашата иднина.
Тој е изборот за твојата улица, твојата градинка, твоето училиште, но и твојот парк.
Тоа е избор дали ќе останеме исправени и ќе одиме напред, или ќе дозволиме да нè вратат назад – таму каде што надежта се губеше, а довербата се рушеше.
Знам што значи да имаш свој човек.
Тоа е оној што не те остава сам.
Човек на кој можеш да се потпреш.
Човек кој знае дека да бидеш човек значи да бидеш од корист на другите.
Тоа е твојот човек.
И ова не е само слоган со кој Орце ќе настапи на овие избори – во тоа се состои и суштината на функционирањето на животот: прво да бидеш човек, кон сите луѓе, а дури потоа нешто друго, во случајот градоначалник.
Така на тој начин Орце, ќе оставиш трага во градот.
А веќе во Кисела Вода покажа и колку може и како може да сработиш. Голем работник си, чесен и цврст карактер.
Те молам да продолжиш и во иднина со цврсто подадена рака кон секого, а ние обединети да покажеме дека овде не се работи за политика, туку заедно – за Скопје кое ќе оди напред.
Моето искуство говори дека кога Орце ќе се зафати за некоја работа – таа и ќе ја заврши, без многу полемика и демагогија.
Така ќе работи и за нашиот град, за нашето Скопје и затоа верувам и сигурен сум дека Орце е вистинскиот избор – за секој еден од вас, за твоето маало, за твојата општина, за заедничката иднина. И овој избор е лесен, и секој може да направи споредба, но е многу значаен, од тој избор зависи иднината на Скопје.
Воедно на овие избори ќе настапиме и со силна советничка листа на чесни и напредни луѓе, со љубов и енергија за Скопје. Таа листа ја предводи професорот Даме Димитровски кого лично го познавам и можам да кажам дека преставува додадена вредност и со неговото знаење и искуство, докажани компетенции силно ќе помогне во развојот на Скопје особено за почист и зелен град.
Чест ми е што вакви луѓе и со интернационална кариера зад себе успеваме да ги задржиме тука да помогнат во развојот.
Драги мои,
Како претседател на Владата, од секој градоначалник ќе барам отчетност и работа. Ќе воведеме јавни извештаи на секои три месеци – пред граѓаните, пред јавноста. Одговорноста пред граѓаните не е опција, таа е обврска. Направивме детални анализи, анкети, слушнавме илјадници граѓани и ги бележиме проблемите кои се провлекуваат во општините. Иако дел од нашите градоначалници влегуваат во втор мандати, ќе има промени во начинот на работа – ќе има нов пристап, поголема енергија, повеќе теренска работа и решавање на конкретни проблеми.
Светот се менува со невидена брзина. Додека ние се занимаваме со подметнати пожари и евтини политички игри, светот гради генеративна вештачка интелигенција, оди кон нова ера на супер интелигенција, менува економии, трговски системи и глобални односи. За десет години светот ќе биде поинаков од оној којшто го знаеме. Ние мора да сме за тоа подготвени, мора да имаме стратегија.
Затоа Македонија мора да има силни и компактни политички тимови, мора да постои соработка и единство помеѓу локалната самоуправа и Владата. Само така ќе ги решаваме заедничките проблеми – од чист град и подобра инфраструктура, до поврзување со светските трендови.
Политичките интриги и конфликтноста само ја зголемуваат апатијата. Ние сме тука да работиме, а не да глумиме политика. Сега е времето на одговорни, чесни и работливи луѓе. И заедно – ќе успееме.
Сосема на крај ќе ми дозволите да се осврнам на една политичка тема. Во последно време се зборува за предвремени избори. Анкетите покажуваат дека доколку тие се одржат, ВМРО-ДПМНЕ би имало сигурно над 62-63 пратеници, стабилно мнозинство за силна реформска агенда. Но, да не се лажеме – предвремени избори значат и изгубено драгоцено време. ДУИ ја експлоатира темата за да собира клиентелистички гласови, лажејќи ги своите гласачи дека ќе правеле коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Им порачувам: кај мене, како претседател на Владата а пред се како човек се важни принципите, а не комбинациите, не интриги, не политиканството. Престанете да го лажете сопственото гласачко тело. Тоа е нечесно и некоректно кон луѓето кои со години ги манипулирате. Како владејачка коалиција, убедливо ќе ве поразиме на следните локални избори. Очигледно е дека не сакате реформи – останувате во истата матрица со СДСМ. И тоа е трагедија за државата.
Глумите партија која се бори за Албанците, а во две децении власт не понудивте ниту еден сериозен проект за албанската заедница. Официјалните податоци покажуваат колку десетици, би рекол стотици илјади Албанци се иселија токму во вашиот период. На мајките кои си ги испратија децата во странство кажете им што добија од вашето владеење.
Заедно со СДСМ не само што ја уништивте институционалната стабилност и ја доведовте државата до раб на банкрот, туку создадовте и инфлација на апатија, на разочарување, на бегање од државата. Додека граѓаните осиромашуваа, вие се богатеевте безсрамно на нивниот грб. Вашите повици за „камбек“ преку предвремени избори се само доказ за очај.
И драги мои, овие избори не се само за локалните раководства на општините, туку и за промените за кои се бориме
Ова е промена на животите, на надежта, на нашата заедничка иднина.
Сакам да знаете дека времето на Македонија допрва доаѓа.
Тоа е времето кога секој од нас ќе каже:
„Да, вредеше.“
Вредеше затоа што имав свој човек.
Вредеше затоа што моето место продолжи да напредува.
Вредеше затоа што имам иднина – тука, во мојата родна Македонија.
Бидете силата на промените и иднината.
Направете го вистинскиот избор.
Да сте живи и здрави и Бог да ни ја благослови Македонија!