МЕЛОНИ ИМА ПРЕДЛОГ: Да се прошири членот 5 на НАТО на Украина како безбедносна гаранција
Премиерката на Италија, Џорџa Мелони предложи да се прошири членот 5 на НАТО на Украина како безбедносна гаранција без да и се даде на земјата полноправно членство во алијансата, објави „Фајненшл Тајмс“.
Таа тврди дека таквиот потег ќе понуди „стабилна, трајна и ефикасна безбедност“, истовремено избегнувајќи ја сложеноста на распоредувањето на странски трупи за спроведување на прекин на огнот.
„Мислам дека тоа ќе биде стабилна, трајна, ефективна безбедносна гаранција, повеќе од некои од предлозите што ги гледам“, вели Мелони.
Портпаролот на италијанската влада, за разликата помеѓу овој предлог и полноправното членство во НАТО, појасни дека тоа ќе обезбеди клаузулата за заемна одбрана да важи за Украина, дури и ако Киев остане надвор од алијансата.
Следните денови американската и украинската делегација пак ќе се сретнат, сега во Ријад за да разговраат за мир.
Украина бара безбедносни гаранции за траен мир. Руската инвазија на Украина почна на 24 февруари во 2022 година.