Свет

Медиуми: Експлозивот користен во неуспешниот обид за напад на аеродромот во Лајпциг доставен преку Србија и Бугарија

Германските истражители веруваат дека експлозивите, кои наводно биле употребени во неуспешниот обид за напад на аеродромот Лајпциг-Хале во август, биле доставени преку Бугарија и Србија, објавија денес британски Телеграф и германскиот весник Велт ам зонтаг.

Британскиот и германскиот весник, кои заеднички го истражуваа инцидентот на аеродромот Лајпциг-Хале, наведуваат дека германските истражители веруваат и дека експлозивите биле скриени во шуплини во камион и дека можеби биле привремено складирани некаде по должината на рутата низ Бугарија и Србија.

Заедничката истрага на два весника, кои се дел од мрежата Аксел Шпрингер, покажала дека неуспешниот обид за саботажа на германскиот аеродром бил организиран од рускиот државјанин Олег Левушкин, љубител на мотоцикли кој е поврзан со шефот на руските операции за саботажи Денис Смолјанинов, и дека белорускиот оперативец Андреј Каршаку бил задолжен за извршувањето.

Според извештаите на германските разузнавачки служби, Левушкин отпатувал во Германија преку Турција ова лето, со цел да подготви напад на аеродромот Лајпциг-Хале, еден од најважните воени логистички центри за снабдување на Украина.

Извештајот, кој се однесува на податоци за движење добиени од автомобил изнајмен од Левушкин, наводно покажува дека тој извршил извидување на аеродромот Лајпциг на 31 јули, кога бил лоциран во близина на терминалот, се наведува во текстот.

Пет дена подоцна, на 5 август, дрон натоварен со експлозив удрил во крилото на паркиран украински товарен авион „Антонов Ан-124“, по што паднал на пистата, но не експлодирал. Во авионот имало околу 25.000 литри авионско гориво, поради што истражителите процениле дека детонацијата можела да предизвика голема штета на аеродромот, се наведува.

Германските безбедносни служби веруваат дека основата на инцидентот е желбата на Русија Европејците да почнат да ја доживуваат поддршката за Украина како ризична, за тоа да резултира со нејзино слабеење.

Двата весници наведуваат дека Левушкин со години бил во контакт со Смолјанинов, за кого се верува дека е главен организатор на бомбардирања низ Европа во корист на Русија. Британското Министерство за надворешни работи воведе санкции против Смолјанинов минатата година.

Доказите анализирани од весниците Телеграф и Велт ам зонтаг откриле впечатливи сличности помеѓу нападот во Лајпциг и спречениот руски заговор за извршување саботажа со употреба на дронови и експлозиви, насочени кон цели во Полска, Литванија и Германија. Експлозивната направа пронајдена во Лајпциг многу личела на бомбите што се користле во руските операции низ Европа, се додава во извештајот.

Во извештајот на литванската разузнавачка служба од декември 2025 година, во кој имал увид Телеграф, пишува дека Смолјанинов раководел со Одделот за Украина во рамките на руската воена разузнавачка служба ГРУ. Се вели дека тој бил специјалист за психолошки операции и дека бил поврзан со тајни саботажни операции во Европа преку апликацијата „Телеграм“. Документи од Литванија откриле и вознемирувачки врски помеѓу нападот во Лајпциг и поширока мрежа на саботажни акции низ Европа, кои наводно биле раководени од радикалната единица ГРУ.

Според информациите добиени од Велт ам зонтаг, истражителите знаеле дека Левушкин бил поврзан со службата ГРУ во моментот кога влегол во Германија, но и покрај ова, тој не бил ставен под надзор.

Врз основа на податоците за движењата на Левушкин, германските власти се сомневаат дека тој ги обезбедил експлозивите, а потоа го замолил Каршаку да го изврши нападот.

На почетокот на август, германската полиција пронашла остатоци од уште два дрона во Лајпциг, како и импровизиран систем на антени залепен со селотејп на блиско дрво, за кој истражителите веруваат дека служел како контролно реле. На ракавицата пронајдена до антената, идентификувана е ДНК на Каршаку, чии податоци веќе биле внесени во криминалните бази на податоци на Финска и Литванија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons