Македонскиот премиер Христијан Мицкоски е единствен лидер од Балканот на инаугурацијата на Доналд Трамп
Меѓу поранешните американски претседатели, лидерите на технолошки гиганти и дел од светските лидери, македонскиот премиер Христијан Мицкоски е единствен лидер од Балканот кој ќе присуствува на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, пишува во анализата РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА. Македонската влада очекува од новата американска администрација да отворат прашања “од сериозен економски, политички и безбедносен карактер.“
Меѓу поранешните американски претседатели, лидерите на технолошки гиганти и дел од светските лидери, македонскиот премиер Христијан Мицкоски е единствен лидер од Балканот кој ќе присуствува на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, пишува во анализата РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА. Македонската влада очекува од новата американска администрација да отворат прашања “од сериозен економски, политички и безбедносен карактер.“
„Вашингтон со поинаква оптика да гледа кон Балканот“, е идејата со која македонскиот премиер Христијан Мицкоски замина во Соединетите држави каде што присуствува на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Мицкоски ова го кажа во во последното интервју за новинската агенција Миа. Тој посочи дека има организирани неколку средби со водечки луѓе во новата администрацијаа во Вашингтон, но не соопшти детали. Претходно министерот за транспорт Александар Николовски соопшти дека македонскиот премиер е единствениот од регионот кој добил покана да присуствува на инаугурацијата.
Ни владината служба не одговори на прашањата на РСЕ за повеќе детали за агендата на премиерот во Вашингтон.
„Очекувањата се дека за време на престојот Мицкоски ќе одржи повеќе билатерални средби, контакти и средби со повеќе луѓе од новата администрација на американскиот претседател“, се вели во кусото владино соопштение.
Мицкоски е предвидено да се сретне со Хауард Лутник, копретседавач на тимот за транзиција на претседателот Доналд Трамп и иден министер за трговија, потоа со Девин Нунес кој е номиниран за претседавач со советодавното тело за разузнавање на претседателот Доналд Трамп и извршен директор на „Trump Media & Technology Group”, и Каш Пател предложен за директор на ФБИ, како и со сенатори и конгресмени, пишува Дојче Веле повикувајќи се на владини извори.
Лутник и Нунес минатата година во јули беа во посета на Скопје. Според владиното соопштение на средбата се разговарало за можностите за соработка во дигиталниот сектор и дигиталните реформи кои треба да ги спроведе земјава.
Мицкоски, Меџити, Гаши и Таравари во Вашингтон
Владината делегација која ќе присуствува на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, ќе биде сочинета од премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, министерот за надворешна политика Тимчо Муцунски и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.
Дополнително во посебна режија „карти“ за Вашингтон набавиле и собранискиот спикер Африм Гаши и неговиот коалициски партнер, министерот за здравство Арбен Таравари.
„Учеството на лидерите на Влен на овој голем настан, е доказ за силните врски што лидерите на Влен, како претставници на Албанците во Владата на Македонија, ги изградија со новата американска влада“, се вели во партиското соопштение.
За албанската опозицијата проблемот лежи во нетранспарентноста на Владата, околу потрошените пари за ова патување.
„Кој ги плати билетите за присуство на овој настан? Овој натпревар меѓу претставниците на Владата и институциите да патуваат во САД и да демонстрираат „западен имиџ“, додека Македонија останува блокирана во интеграциските процеси, е неприфатливо лицемерие“, се вели во соопштението од опозициската Алијанса за Албанците предводена од Зијадин Села и ја повикаа Антикорупциската комисија да ги провери трошоците.
Делегацијата предводена од премиерот Мицкоски ќе присуствува и на свеченоста „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“. Според досега објавените информации, Мицкоски на 19 јануари се сретна со бизнисменот со македонско потекло Крис Павловски, веднаш откако слетал во Вашингтон.
Оптимистични или реални очекувања ?
Македонската влада има историска позиција во однос на новата американска администрација, тврдеше министерот за надворешна политика Тимчо Муцунски неколку дена пред да замине за Вашингтон. Според него целта на посетата ќе биде да се афирмираат македонските позиции, да се потврди континуитетот што државата го очекува од американската надворешна политика и да се отворат прашањата “од сериозен економски, политички и безбедносен карактер.“
„Сметам со новата администрација, посебно земајќи ја во предвид дека премиерот Мицкоски има лична близина со министерот за трговија, господинот Лутник, тој беше и присутен во нашата земја пред неколку месеци. Што значи дека тука конкретно можеме едно позитивно поместување да направиме“, изјави Муцунски во интервју за ТВ Телма.
Поранешниот македонски амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски, кој беше и вицепремиер за евроинтеграции, смета дека промените во Белата куќа по изборот на 47-миот американски претседател првично ќе значат адаптирање на приоритетите на американската надворешна политика на глобалната сцена, пред сè, кога се во прашање релациите на САД со Европа, Русија, Кина, Блискиот Исток, како и Латинска Америка.
„Определено индиректно влијание врз Балканот, а со тоа и врз Македонија, може да се очекува од евентуалниот нов концепт за завршување на руско-украинската војна, улогата на НАТО во нашето пошироко соседство, и можните иницијативи за решавање на конечниот статус на односите меѓу Белград и Приштина. Нашите билатерални односи не се оптоварени со отворени прашања, и се очекува поддршката што ја добиваме на политички, економски и безбедносен план да продолжи“, изјави Наумовски за РСЕ.
Може ли Трамп да помогне во македонско-бугарскиот спор ?
Од друга страна, пак политичкиот аналитичар Џелал Незири смета дека владиниот оптимизам е реален. Тој гледа низ призмата на актуелната политичка состојба во регионот како и на изборот на нова политичка влада во Бугарија. Незири смета дека во оваа ситуација кога во соседна Бугарија е избрана нова влада, со помош на американски дипломатски притисок ќе може да се издејствува и одблокирање на евроинтегративен пат на земјава.
Мицкоски, неколку пати досега во јавност истакна дека во изминатава половина година бара поддршка од меѓународните партнери за уставните амандмани со кои би се вметнале Бугарите во Преамбулата да бидат со одложено дејство. Македонскиот државен врв бара тие да стапат на сила по завршувањето на преговорите со Европската Унија.
„И францускиот предлог кој беше постигнат во 2022 година, беше резултат на силната американска инволвираност, и како резултат на тој ангажман дојде до одблокирање на бугарското вето“, вели Незири.
Инаку македонско–бугарските односи се нарушени по бугарско вето за старт на преговорите на Северна Македонија за влез во ЕУ, а двете земји во 2022 со усвојување на францускиот предлог се согласија Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ откако ќе го измени Уставот и ќе ги вметне Бугарите во Преамбулата.
Незири очекува дека во наредниот период, САД ќе одигра клучна улога, создавајќи дипломатски притисок врз Бугарија за да се обезбедат гаранции дека нема да има дополнителни барања кон земјава на евроинтегративниот пат.
„Сега има политичка влада во Бугарија и таа влада е по идеолошки аспект иста со македонската влада, додека владата на Трамп, односно администрацијата на Трамп, и идеолошки е слична со овие земји и мислам дека тоа е моментот кој што побудува оптимизам кај Муцунски како министер за надворешни работи или кај премиерот, дека сега се склопени коцките за да се одблокира процесот“, вели Незири.
Трамп, ќе присуствува на три инаугурациски балови
Организаторите на инаугурацијата ги сменија плановите за да обезбедат церемонијата да се одржи во затворена просторија поради опасното студено време во регионот.
Денот на инаугурацијата ќе започне со богослужба во црквата Св.Јован, а потоа следува чај во Белата куќа. Трамп и новоизбраниот потпретседател Џеј-Ди Венс треба да положат заклетва напладне, а потоа и официјалното да се збогуваат со досегашниот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис.
Според распоредот кој го објави Инаугуративниот комитет, Трамп потоа ќе се упати кон претседателската соба во близина на комората на Сенатот, каде што е традиционално да се потпишуваат номинациите. По церемонијата на потпишувањето, предвиден е ручек организиран од Заедничкиот конгресен комитет за инаугуративни церемонии. Трамп потоа ќе ја започне претседателската парада, која оди од Капитол по авенијата Пенсилванија до Белата куќа.
По парадата и церемонијата на потпишување на Овалната соба, Трамп ќе присуствува на три инаугуративни балови.