Македонија со рекордни 130 учесници на Медитеранските игри Таранто 2026
Македонија ќе настапи со досега најбројна делегација од околу 130 учесници на претстојните XX Медитерански игри што ќе се одржат во Таранто, Италија, од 21 август до 3 септември, при што нашите спортистите ќе се натпреваруваат во повеќе екипни дисциплини.
Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, на денешната прес-конференција нагласи дека очекува силен настап и конкурентен резултат.
– Мислам дека имаме до сега апсолутно најбројна делегација што сме ја имале на Медитерански игри, таа ќе брои околу 130 членови. Мислам дека овој пат нема да важи само учеството, туку резултатот и очекувам помеѓу две и четири медали – изјави Димевски.
Како што дополни, потврдени се четири тимови во екипни спортови и тоа одбојка девојчиња, ракомет девојчиња, фудбал машки и три на три машки.
– Генерално сме меѓу земјите кои што имаат најмногу тимски делегации, што мене посебно ме радува, бидејќи сепак не е едноставно да имате делегација во тимски спорт на толку голем настан – рече тој.
Амбасадорот на Италија во земјата, Паоло Палминтери, на денешната прес-конференција ја истакна улогата на спортот како фактор за зближување и мир.
– Постои војна во источниот дел на Медитеранот. Игрите, уште од античките времиња, секогаш биле наменети да ја запрат војната и да испратат порака на единство. И токму Медитеранот денес го симболизира тоа. Постоеше мировна иницијатива поврзана со игрите, но светските настани ја прекинаа и ги принудија организаторите да запрат. Но кога имате спортисти што се натпреваруваат и истовремено стануваат пријатели, тоа е многу важно за создавање врски меѓу младите генерации и меѓу различните народи во Медитеранот – рече Палминтери.

Медитеранските игри се мултиспортски настан што се одржува на секои четири години под покровителство на Меѓународниот комитет за Медитерански игри, со учество на спортисти од земјите околу Медитеранот.
Годинашните игри што ќе се одржат од 21 август до 3 септември во Таранто, Италија, ќе бидат 20-то издание и се очекува да обединат илјадници учесници во натпревари во повеќе спортски дисциплини од 26 земји.

Отворена изложбата „Where Mediterranean Waves Unite – XX Mediterranean Games Taranto 2026“ во организација на МОК и италијанската амбасада
Во организација на Македонскиот олимписки комитет и Амбасадата на Италија во Скопје, денеска во кафулето Espresso ST Café во East Gate Mall беше отворена изложбата насловена „Where Mediterranean Waves Unite – XX Mediterranean Games Taranto 2026“, посветена на претстојните XX Медитерански игри кои оваа година ќе се одржат во Таранто, Италија.
Изложбата преку внимателно избрани фотографии ја претставува богатата историја на Медитеранските игри, нивната улога во поврзувањето на народите од медитеранскиот регион, како и вредностите што ги промовира спортот – пријателство, почит, солидарност и фер-плеј.
На отворањето присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, спортски институции, спортисти и медиуми, како и македонските олимписки спортисти Дарио Ивановски, Вероника Костовска и други истакнати претставници на спортската заедница, кои имаа можност да се запознаат со значењето на Медитеранските игри како едно од најважните мултиспортски натпреварувања во регионот.
Присутните истакнаа дека спортот претставува универзален јазик кој ги обединува луѓето и гради мостови на соработка меѓу државите, а Медитеранските игри се еден од најдобрите примери за тоа како преку спортот се промовираат мирот, меѓусебното разбирање и заедничките вредности.

Со оваа изложба, Амбасадата на Италија во Скопје и Македонскиот олимписки комитет ја потврдуваат својата заложба за промоција на олимписките вредности и зајакнување на спортската соработка меѓу Италија и Северна Македонија во пресрет на XX Медитерански игри Таранто 2026.
Изложбата ќе биде достапна за посетителите во наредните денови, нудејќи можност пошироката јавност да се запознае со духот и значењето на ова големо спортско случување.



