Македонија против Швајцарија на стартот од новата сезона во Лигата на нации
Фудбалската репрезентација на Македонија денеска од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ ја пречекува Швајцарија во натпревар од првото коло во Лигата на нации.
Македонија почнува нова етапа, стартува новата сезона во Лигата на нации, првпат играме во Б дивизија. Првиот противник ни е Швајцарија, а во нашата група се уште и Словенија и Шкотска.
Првпат играме против Швајцарија, овие две селекции никогаш во минатото не се сретнале. Швајцарците се сериозен фаворит во овој дуел, а ние ќе се обидеме да ги изненадиме.
Македонија е во лоша резултатска серија, немаме победа точно една година, а на последните четири натпревари немаме постигнато ниту еден гол.
Ова ќе биде прв натпревар со новиот селектор Гоце Седлоски кој ќе го играме на домашен терен, пред нашата публика.
„Швајцарија е силна репрезентација, предизвик е за сите нас, играчите се мотивирани и ќе го дадат максиумот. Ја повикувам публиката да дојде во колку што е можно поголем број и да ни даде поддршка“, рече Седлоски на вчерашната прес-конференција.
Селекторот нема да може да смета на Дарко Чурлинов и тазе повредениот Бобан Николов, сите други кои се повикани се подготвени за вечерашниот натпревар.
Многу повеќе главоболки имаше селекторот на Швајцарија, Мурат Јакин кој за овој меч нема да може да смета на Џака, Варгас, Закарија и Емболо кои поради различни причини се отсутни. А по Светското првенство од репрезентацијата се повлекоа Видмер, Окафор и Фаснахт.
Сепак Швајцарија има широка селекција, Јакин има доволно избор за да создаде квалитетна репрезентација и да атакува на целиот плен во Скопје.
Директен пренос од натпреварот ќе може да проследите на Арена М1 Премиум.



