Има ли место на планетава што не сме го затрупале со ѓубре?
Барале потонат брод, а на 1,5 километри под морето нашле „гробишта“ од фрижидери и машини за перење.
На повеќе од 1.500 метри под површината на Мексиканскиот Залив, научници што очекувале да пронајдат потонат брод наишле на нешто сосема поинакво – морско дно прекриено со фрижидери, замрзнувачи и машини за перење, расфрлани околу распаднат товарен контејнер.
Необичното откритие било направено уште во 2017 година, за време на експедиција на американската Национална управа за океани и атмосфера, но снимките од морското дно повторно привлекоа внимание откако беа објавени детали за оваа необична подводна „депонија“.
Екипата на истражувачкиот брод „Океанос експлорер“ го мапирала и истражувала Мексиканскиот Залив кога сонарот регистрирал голема структура на длабочина од околу 1,5 километри. Околу неа имало повеќе помали објекти, што на научниците им заличило на остатоци од потонат брод.
Кон локацијата бил испратен далечински управуван подводен робот. Но кога камерите стигнале до дното, наместо остатоци од брод или археолошко богатство, пред нив се појавила речиси надреална глетка.
На песочното дно лежеле десетици бели метални кутии. Некои биле искршени од ударот при паѓањето, со изложени пластични и бакарни делови.
Потоа од темнината се појавил и огромен, деформиран црвен товарен контејнер од кој биле истурени апаратите.
Мистеријата била решена: научниците пронашле изгубен товар со фрижидери, замрзнувачи, машини за перење и други апарати за домаќинство.
На еден од нив сè уште можеле да се прочитаат делови од упатството за употреба, а налепница упатувала дека е произведен во фабричкиот комплекс за апарати во Луисвил, Кентаки. Меѓу расфрланиот товар имало производи од повеќе марки.
Според белешките од експедицијата, апаратите немале амбалажа, поради што истражувачите претпоставиле дека веројатно биле транспортирани за рециклирање. Контејнерот, меѓутоа, никогаш не стигнал до својата дестинација.
„Ова е малку надреално. Се наоѓаме на 1,5 километри во длабокото море, а се движиме низ поле од замрзнувачи, фрижидери и машини за перење“, коментирал еден од членовите на екипата додека роботот минувал покрај апаратите.
Научниците претпоставуваат дека контејнерот најверојатно паднал од товарен брод при невреме.
Секоја година во морето завршуваат од неколку стотици до повеќе од илјада товарни контејнери. Во споредба со околу 280 милиони контејнери што годишно се превезуваат низ светот, процентот е мал, но последиците можат да траат исклучително долго.
Според научниците, изгубените контејнери и нивната содржина во условите на длабокото море можат да се распаѓаат стотици години, а можеби и подолго.
Но природата веќе почнала да ја освојува необичната подводна депонија. На металните конструкции се населиле корали и хидроиди, а камерите забележале и голема риба што нашла засолниште во сенката на контејнерот.
Истражувачите на необичната локација ѝ дале и соодветен прекар – „Длабоко чистење“.
Откритието, иако на прв поглед изгледа речиси комично, оставило многу посериозна порака кај научниците: дури и местата на Земјата што изгледаат целосно изолирани од човекот веќе ги носат трагите од нашето присуство.
„Длабокото море го замислуваме како речиси недопрено место, но ова е потсетник дека тоа реално не е така“, заклучил еден од членовите на експедицијата.



