Магазин

Избрана најубавата жена во светот за 2026 година

Џохеири Мола од Доминиканската Република вечерва е крунисана за мис на светот 2026 на големото финале одржано во Ња Чанг, Виетнам.

Во конкуренција на 111 кандидатки од целиот свет, 24-годишната Мола ја освои круната, додека Елизабет Рејнес од Шпанија беше прогласена за прва придружничка, а Танусија Чети од Малезија за втора. Меѓу шесте финалистки се пласираа и претставничките на Еритреја, Виетнам и Јужна Африка, а Чети ја освои и наградата во категоријата „Убавина со цел“.

Со победата на Мола, Доминиканската Република ја освои титулата мис на светот вторпат во историјата. Првата круна за земјата ја освои Маријасела Алварез во 1982 година.

Новата мис на светот не е само професионален модел. Мола е висока 175 сантиметри, дипломирала бизнис-менаџмент и администрација на Ибероамериканскиот универзитет, работи како професорка по литература и општествени науки и како телевизиска дописничка. Таа е и основачка на иницијативата „Гласови на утрешнината“, преку која работи на проширување на пристапот до образование по англиски јазик за деца и млади од ранливите заедници.

Мола до вечерва ја носеше титулата Мис на Доминиканска Република, освоена во 2025 година. Новата светска круна ја презеде од минатогодишната победничка Сучата Чуангсри од Тајланд.

На годинашниот избор учествуваа претставнички од 111 земји, а натпреварувањето, покрај класичниот избор, вклучуваше спортски предизвици, талент и проекти со општествена цел.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons