Изборите во Србија ќе се повторат на 53 избирачки места
Републичката изборна комисија (РИК) на Србија одлучи парламентарните избори да се повторат на 53 избирачки места, во недела, на 1 ноември. Гласањето ќе се одвива од 7 до 20 часот, јави „Нова“.
Претседателот на РИК, Владимир Димитријевиќ, соопшти дека на 31 избирачко место не можело да се утврди резултатот од гласањето, додека на уште 22 места гласањето било поништено.
Одлуката била донесена едногласно на седницата на комисијата. РИК одлучи да бидат отпечатени и 24.438 гласачки ливчиња за повторното гласање.
Избирачките места на кои не можеле да се утврдат резултатите се наоѓаат во Алексинац, Бачка Топола, Бојник, Владичин Хан, Инѓија, Коцелева, Кула, Куршумлија, Мајданпек, Ќуприја, Суботица и Шид.
Гласањето е поништено на избирачки места во Алексинац, Бабушница, Бачка Топола, Земун, Канжижа, Крушевац, Куршумлија, Лозница, Љиг, Нови Пазар, Петровац на Млави, Пирот, Пожаревац, Прокупље, Трстеник и Ќуприја.
Повторното гласање се однесува на парламентарните избори одржани на 25 октомври. За спроведување на гласањето, локалните изборни комисии ќе треба да ги назначат претседателите и членовите на избирачките одбори.



