За Комисијата за антидискриминација присуството на бугарскиот конзул во центарот „Ванчо Михајлов“ е обид за влијание
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) присуството на генералниот конзул на Бугарија, Димитар Иванов за време на извршувањето на најавениот увид во просториите на Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, го доживува како обид за влијание врз нејзината работа.
Од КСЗД, информираат дека по поднесена претставка за дискриминација од здружение на граѓани против Културниот центар „Иван Михајлов“, вчера бил извршен најавен увид во просториите на Центарот во Битола.
„При увидот, спротивно на досегашните практики, констатирано е дека освен претставниците на Здружението, присуствуваше и генералниот конзул на Република Бугарија, Димитар Иванов. Неговото присуство за време на извршувањето на своите законски надлежности, Комисијата го доживува како обид за влијание врз работата на ова независно тело за еднаквост, но и можност за инструментализација на Комисијата во политички цели, за што го извести и МНР“, пишува во соопштението од Комисијата.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е формирана и работи согласно законот за спречување и заштита од дискриминација (Сл.весник на РСМ бр.258/20). Според одредбите содржани во Законот, Комисијата е самостоен и независен орган избран од Собранието на Република Северна Македонија и за својата работа одговара единствено пред оваа институција.
„Согласно наводите во претставката должни сме да ја сослушаме другата страна против која е поднесена претставката, да прибавиме документи. Дојдовме на увид кој е најавен пред една недела и извршивме увид на просториите на потенцијалниот дискриминатор, како што наведува поднесувачот на претставката“, изјави Весна Бендевска, член на Комисијата, вчера пред медиумите.
Таа не прецизираше за што се однесува дискриминацијата и кажа дека Комисијата нема да прејудицира наводи, туку ќе го објави мислењето откако ќе заврши постапката.
„Има уште неколку институции што ќе мора да ги посетиме, да прибавиме документ, а потоа мислењето ќе го објавиме пред јавноста и ќе биде јавно достапно на нашата веб-страна“, изјави Бендевска.