Жена изгоре во пожар во Скопје, не успеала навреме да излезе од куќата
Осумдесет и петгодишна жена загина во пожар што ноќеска избувнал во семејна куќа во скопската населба Пинтија.
Според неофицијални информации на „Скопје1“, пожарот избувнал на долниот кат од куќата, а жената не успеала навреме да се извлече.
Екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт на местото, додека на други лица им била укажана прва помош.
Од МВР информираат дека случајот бил пријавен во 01:48 часот.
„Во СВР Скопје е пријавено дека во куќа, сопственост на С.К.(45), а во која живеела и нејзината мајка М.В.(85) во населба Пинтија во Скопје, настанал пожар. Од повредите здобиени во пожарот, починала М.В., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош“, соопшти полицијата.
Пожарот бил изгаснат од Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а во текот на денот ќе се врши увид за утврдување на причините за избувнувањето на огнот.



