ЕСМ и во февруари гас ќе набавува од бугарската фирма Балкан јутилитис
ЕСМ продажба потпиша договор за набавка на природен гас за февруари за свои потреби, како и за потребите на други стопански субјекти во државата со фирмата Балкан јутилитис. На јавниот повик кој беше достапен за сите домашни и странски компании пристигнаа две понуди. Фирмата Актаел понуди цена од 99,83 eвра за мегават час, а фирмата Балкан Јутилитис понуди цена на природниот гас од 98,71 евра за мегават час.
„Понудените цени на гасот од страна на двете фирми ги опфаќаат сите трошоци за набавка на енергенсот, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа. Овој факт го потенцираме со цел да се избегнат евентуални шпекулации кои би произлегле од цената на гасот на берзите во моментов, но во берзанската цена не се вкалкулирани сите споменати дополнителните трошоци кои произлегуваат од набавката, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа.
Со понудувачот кој имаше понудено пониска цена во моментот на носење на одлуката за избор, во случајот Балкан јутилитис, склучен е валиден деловен договор кој ги содржи сите параметри од јавниот повик, односно количина, цена, динамика и гаранција за испорака.
Со оваа набавка во целост ќе се задоволат потребите од природен гас за производство на топлинска енергија за топланите Исток, Запад, Енергетика и Скопје Север, како и за останати потрошувачи на природен гас во Република Северна Македонија. Граѓаните да бидат сигурни и спокојни дека и во февруари ќе продолжи континуираното снабдување со топлинска енергија.
Јавен повик за набавка на природен гас за март ќе биде спроведен во текот на февруари“, соопшти ЕСМ.
За „Балкан јутилитис” во неколку наврати е пишувано дека се работи за компанија поврзана со рускиот олигарх Лебедев и компанија со сомнителни зделки на релација Русија, Грција, Бугарија, Кипар, Девствени острови… Регулаторната комисија на Бугарија ја категоризира „Балкан јутилитис” како микропретпријатие и според нивните извештаи, оваа компанија од изминативе три, две години работела со загуба.