Експерти: Судиите и обвинителите да се охрабрат јавно да зборуваат за притисоците
Чесните судии и обвинители да се одважат и јавно да проговорат за корупцијата и политичките влијанија. Експертите се согласни дека само така би можеле да почнат реформите за судството да се помрдне од дното на кое се наоѓа во моментот.
– Едноставно, треба да се најдат судии кои се желни да разговараат, желни тоа јавно да го кажат и да се охрабрат преку постоечките правни механизми тие колеги да ги изнесат пред лицето на правдата и да се исфрлат од системот, вели Миша Поповиќ од Социетас Цивилис.
Колку и да се подобруваат законите и механизмите за заштита од корупција во судството, таа никако да се искорени. Но, недостасува интегритет кај судиите и јавните обвинители. Експертите стравуваат дека судството е толку корумпирано, што ниту меѓународната заедница веќе не може да влијае.
– Откога знам, се вложува и се инвестира во едукација на судиите. Милиони, стотици милиони евра се дадени за судиите да дојдат до некоја свест – како треба да постапуваат. Меѓутоа, мислам дека се имуни и на тоа. Последниот случај со Судскиот совет покажува дека навистина го достигнавме врвот во беззаконието, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.
Според правните експерти, судството е корумпирано повеќе од 20 години, и ќе бидат потребни уште толку години напорна работа за да се искорени корупцијата. Од Коалицијата за правично судење сметаат дека ветингот не е ништо друго освен политичка манипулација и популизам. Велат дека прочистување на судиите и обвинителите може да се направи веднаш.
– Имаат прилика да направат мини-ветинг во судството токму сега кога граѓанскиот сектор го повика Судскиот совет да поднесе оставки. Доколку вие воспоставите навистина независен и професионален Судски совет кој ги бира и може да ги разрешува судиите, практично имате тргнато на добар пат за да го прочистите судството и да направите своевиден ветинг, бидејќи ветинг не нужно мора да значи дека треба да се отпочне некаков нов процес, вели Дарко Аврамовски од Коалицијата за правично судење.
САД, ЕУ и Холандија во последниот период се сè погласни дека мора да се искоренат корупцијата и политичкото влијание во правосудниот систем. Холандија повлече проект од 1 милион евра од Судскиот совет, а само 3% од граѓаните имаат доверба во македонското судство.