Евроамбасадорот Гир ги осуди изјавите на Џамбаски
Изјавите на европратеникот Џамбаски дека Македонија е Бугарија се неприфатливи и не ги одразуваат вредностите на ЕУ – европамбасадорот во земјава Дејвид Гир со силна осуда за ваквото однесување и изјавите со тгериторијални претензии.
Во врска со неодамнешните изјави на европратеникот Џамбаски за територијални претензии, таквите тврдења не ја претставуваат и не можат да ја претставуваат ЕУ. За вчерашните забелешки околу претседателот Пендаровски, кои може да се протолкуваат како закана, тоа апсолутно не ја претставува позицијата на ЕУ. Тоа не ги одразува вредностите на кои е основана ЕУ. Неприфатливо е јавна личност да дава вакви забелешки за било кој, а камоли за демократски избран шеф на држава на суверена држава, се вели во реакцијата на евроамбасадорот Гир.
Гир потсетува дека и Европскиот парламент и и бугарското МНР веќе се оградиле од изјавите на Џамбаски.
Извори од ЕУ велат дека последните случувања на релација Скопје – Софија мора да се гледат со „ладна глава“. Според нив, неопходно е двете влади да продолжат со разговорите за задржување на добрососедскиот дух, за да не дојде до ескалација на односите.
По заканите од официјална Софија дека не се исклучува опцијата за повторно вето за македонските интеграции, високи дипломатски извори од ЕУ велат дека со промената на Уставот Македонија автоматски ќе премине во следната фаза, односно никој не може да влијае на она што беше прифатено со францускиот предлог. Истите извори велат дека Брисел очекува да се задржи добрата динамика која се спроведува со скринингот, но уставните измени се клучни во целиот процес. Доколку тоа не се случи, процесот ќе запре таму, предупредуваат од ЕУ.
Сепак, според истите извори, Брисел и забележува на македонската влада дека и покрај добрите оценки за тимовите задолжени за спроведување на скринингот, има сериозни забелешки за партизирањето на јавната администрација, актиелните афери, изборот на првиот човек на обвинителството за организиран криминал, како и спорните дипломи во делот на правосудството.
Според дипломатските извори, Македонија мора да се посвети на спроведување на реформите, особено во делот на судството и спречувањето на корупцијата, до терминот предвиден за избори следната година. Во однос на ставот на опозицијата која се противи на уставните измени во вакви услови и инсистира на добивање гаранции од ЕУ дека по нивното донесување нема да има нови блокади од Бугарија, според ЕУ извори тешко е да се замислат какви било гаранции кои би можела Унијата да ги даде дека во некоја точка од процесот на преговори нема да се појави ново вето. Но потсетуваат и дека и Мишел и Фон дер Лајен во Скопје силно се обврзале дека нема да се дозволи прашања поврзани со историјата, јазикот и идентитетот да бидат користени за да се запре прогресот на земјата. Додаваат дека постои голем интерес на ЕУ и земјите-членки да не се дозволи вакви прашања да станат дел од преговарачкиот процес.
Во однос на Законот за аудиовизуелни услуги во делот за владиното рекламирање и бришењето на членот 102, ЕУ и нуди на македонската влада и своја експертиза. Унијата не се противи на кампањите од јавен интерес и смета дека јавноста треба да биде информирана и на овој начин. Но клучно е да има јасни и инклузивни критериуми за ваквите кампањи и тие да бидат во согласност со европските критериуми.