Драматични сцени од Австралија: Луѓето беа спасувани од поплавите со хеликоптери
Обилните дождови предизвикаа големи поплави по должината на источниот брег на Австралија, особено погодувајќи ги помалите градови лоцирани околу 250 километри северно од Сиднеј. Според локалните медиуми, многу жители останале заробени на покривите од своите куќи.
Меѓу најпогодените беа градовите Тара и Вингам на централниот северен брег.
Австралиската телевизија Еј-би-си објави „поплави од невидени размери“, прикажувајќи драматични сцени на хеликоптери и чамци кои евакуираат луѓе заробени на покривите додека обилни дождови и ветрови, проследени со ниски температури, го опустошија регионот.
Официјални лица изјавија дека околу 1.600 лица од службите за итни случаи биле вклучени во спасувачките мисии.
Некои жители ја поминаа целата ноќ на своите покриви, опкружени со надојдената вода. Една жена изјави за 9 Њуз дека таа и нејзиното семејство биле заробени 12 часа додека околу нив брзо се издигал порој од каллива вода.
Реката Менинг во погодената област достигна рекордно ниво од над шест метри, надминувајќи го претходниот максимум забележан во далечната 1929 година, пренесува 9 Њуз. Надлежните предупредуваат дека нивото на реката може дополнително да се зголеми поради продолжувањето на обилните врнежи.
Повеќе од 80 училишта останаа затворени, а регионот беше погоден и од прекини во електричната енергија. Метеоролозите предвидуваат дека обилните дождови ќе продолжат до петок. Метеоролошката служба издаде предупредувања за „поплави опасни по живот“ за неколку погодени области.