Досега се евидентирани 65 случаи на западнонилска треска — најголемиот дел се од Скопје
Заклучно со 15 септември, во Македонија се регистрирани вкупно 65 случаи на западнонилска треска, од кои 60 се водат како потврдени, а пет како веројатни, пишува во последниот извештај за оваа болест што го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), пренесува агенцијата Мета.
Според место на живеење на заболените, 60 случаи се од Скопје, два случаи од Велес и по еден случај од Куманово, Свети Николе и Кавадарци.

Регистрирани се 64 автохтони случаи и еден случај со историја на патување во Грција, но инкубацискиот период покрива и престој во Македонија.
„Од регистрираните случаи, 51 или 78,5% се машки, а 14 или 21,5% се женски“, стои во извештајот.

Сите заболени со невроинвазивна болест (63) биле хоспитализирани, 61 во УК за инфективни болести и фебрилни состојби и по еден во „Аџибадем Систина“ и Клиника „Жан Митрев“.
Досега се регистрирани осум смртни случаи кај пациенти со невроинвазивна болест.
Податоците укажуваат на зголемен број на регистрирани случаи во текот на јули и август 2026 година, со изразена просторна концентрација во Скопскиот Регион. Најголем број случаи се регистрирани во општина Кисела Вода, особено на подрачјето на населено место Драчево, како и во општина Гази Баба.
„Епидемиолошкиот надзор на болеста, систематското и рано спроведување на програми за контрола на комарци и мерките за лична заштита од каснувања од комарци се сметаат за најсоодветни мерки за контрола на западнонилската треска. Бидејќи циркулацијата на вирусот и неговата географска дистрибуција не можат да се предвидат, се охрабруваат мерки за лична заштита од комарци, во текот на периодот на активност на комарците“, пишува во извештајот.



