Македонија

До крај на октомври ќе се вози на десната лента на автопатот Катланово-Петровец 

Десната лента од автопатската делница Катланово – Петровец на Коридорот 10 ќе биде пуштена за сообраќај до крајот на овој месец. Асфалтерските работи се во завршна фаза, денеска се поставуваше завршниот слој на асфалт, а во следниот период ќе се поставува заштитната ограда и сообраќајната сигнализација.

Увид во градежните активности денеска извршија министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Инвестицијата за рехабилитација на автопатската делница во должина од 11 километри изнесува 6,2 милиони евра. Покрај рехабилитацијата, автопатот ќе се прошири и со уште една дополнителна лента за застанување.

По изборот на новиот изведувач градежните активности ја имаат потребната динамика и комплетно автопатската делница се очекува да биде завршена во рамките на рокот предвиден во договорот, односно до декември оваа година.

„Од денешниот увид се уверивме дека градежните работи се одвиваат со силна динамика. Надзорот и изведувачот не информираа дека десниот коловоз ќе биде завршен за 20-тина дена, со што ќе се постави сигнализацијата и комплетно ќе биде пуштен за сообраќај. Претходно имавме проблеми со слабата реализација, но со изборот на новите изведувачи, сликата комплетно е сменета и оваа делница очекувам комплетно да ја пуштиме за сообраќај до крајот на годината. Ова е многу важна алка од Коридорот 10 бидејќи претставува главна патна врска за граѓаните на Северна Македонија.“ – изјави министерот Бочварски.

ЈП за државни патишта е во постојана координација со надзорот и со изведувачот заради навремено завршување на овој проект, потенцираше директорот Рустеми.

„Со цел да се подигне нивото на безбедноста на учесниците на сообраќајот отпочнавме со рехабилитација на левиот и десниот коловоз кои ќе бидат проширени со уште една лента со што ќе се добие комплетна автопатска делница по сите стандарди. Проширувањето се одвива во внатрешниот зелен појас на автопатот со цел да се избегне дополнителна експропријација. Работите се одвиваат со засилено темпо и очекуваме дека до крајот на годинава како што е предвидено со договорот ќе се испочитува рокот за градба.“ – изјави директорот Рустеми.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons