Актуелно

Детето болно од мали сипаници е пуштено дома, целото семејство е во изолација, не се знае изворот на заразата 

Тринаесетмесечното дете од Свети Николе, кое е заразено со вирусот морбили, (мали сипаници) е во добра здравствена состојба и по поминати пет дена на Инфективното одделение, минатиот петок е пуштено на домашно лекување, со препораки за изолација на целото семејство, изјави раководителката на Инфективното одделение при Клиничка болница – Штип, Дијана Шишкова – Гајдарџиска. Не се знае од каде се зарази детето, а денеска ќе заседава Комисијата за заразни болести.

„Детето на Инфективното одделение беше примено на 27 март, по конзелијарен преглед на одделението за Педијатрија, каде што престојувало еден ден. Имаше покачена температура, појава на осип, изолирано беше во посебна соба, имаше знаци и за друго вирусно заболување. Меѓутоа со проширувањето на осипот, со поставеното сомневање дека се работи, дека е можно некое друго исипно заболување, кое е контигиезно и потреба од инфектолошки преглед и изолација на Инфективното одделение, повикан е инфектолог и после прегледот е префрлено на нашето одделение“, рече Шишкова-Гајдарџиска.

Таа посочи дека детето на одделението е префлено со температура, лекувано е со симптоматска терапија и направени се соодветни испитувања во Штип и во Скопје, кои го потврдиле вирусот на морбили.

„Цело време беше со еден добар клинички тек, со пад на температура, со подбрување на општата состојба и после пет дена на одделението го пуштивме дома со даден совет за терапија, изолација и да се јават на контрола оваа недела“, додаде Шишкова – Гајдарџиска.

Таа нагласи дека нема опасност за ширење на заразата меѓу здравствениот персонал на Инфективното одделение, бидејќи сите се вакцинирани, а задолжително се носат заштитните маски. Засега не се знае од каде детето се заразило со морбили, но, како што МИА вчера информираше, на ова веќе работат епидемиолозите.

Комисијата за заразни болести во 13 часот во Скопје ќе заседава на оваа тема и за мерките за заштитата.

Инаку, болести кои треба да се искоренети, повторно се јавуваат затоа што расте бројот на луѓе кои ја одбиваат вакцинацијата. Во Македонија имаше епидемија на морбили пред три години, а сега процентот на вакцинирани е и помал во споредба со тогаш.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons