Денеска гласаат болните и изнемоштени и затворениците во четирите општини во кои утре ќе има повторени избори
Пред утрешното гласање на повторените избори за градоначалник во општините Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, денеска избирачките одбори ќе им овозможат на болните и изнемоштените лица да го остварат својот глас во нивните домови, а ќе гласаат и притворените и затворениците, жители на овие општини.
Од Државната изборна комисија (ДИК) за МИА посочуваат дека се е подготвено за повторените избори.
Во Гостивар за гласање се пријавени 146 болни и изнемоштени лица, а во затворите треба да гласа 81 лице. Во Маврово Ростуше прифатени се барањата на 69 болни лица за гласање, и двајца затвореници. Во Врапчиште пријавени се 32 болни, а во затворите треба да гласаат 11 жители од оваа општина. Во Центар Жупа пријавени се само двајца болни.
Гласањето утре започнува во 7:00 часот, а завршува во 19:00 часот. Гласачите на Избирачките места ќе се идентификуваат со важечки лични документи – лична карта или пасош, а исто така нивниот идентитет ќе се потврди и со апаратите за биометриска идентификација.
Во Гостивар право на глас имаат 82 870 граѓани, а од нив 78 185 гласачи се постојани жители на општината, додека во посебниот Избирачки список за лица кои живеат во странство се запишани 4 604 гласачи. Во Избирачкиот список за Маврово Ростуше се запишани 10 575, од кои во посебниот Избирачки список за жители во Општината 9 622, во странство 951. Во Врапчиште запишани се 27 279 граѓани со право на глас, 26 318 во посебниот Избирачки список за жители од Општината, во посебниот ИС за гласачи кои живеат во странство – 950. Бројот на гласачи во Центар Жупа запишани во Избирачкиот список се 7 562, од нив 6 305 во оштината, во посебниот ИС за гласачи во странство се запишани 1 257 лица.
Изборите за градоначалник во овие четири општини се повторуваат бидејќи на Локалните избори 2025 таму немаше доволен број граѓани излезени на гласање.



