Даниела Димовска е избрана за претседателка на Кривичниот суд Скопје
Со 11 гласа „за“, Судскиот совет ја избра Даниела Димовска за нова претседателка на Основниот кривичен суд – Скопје. Таа доби и четири гласа „за“ при гласањето според Бадентеровото начело. Одлуката ја соопшти претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.
„Констатирам дека Советот донесе одлука со која Даниела Димовска се избира за претседател на Основен кривичен суд – Скопје“, рече Камбовски.
Во текот на седницата, повеќе членови на Судскиот совет ја образложија поддршката за Димовска, посочувајќи дека нејзината програма за работа нуди визија за развој и подобро управување со судот.
Претходно имаше реакции во јавноста, пред се од политичаката партија Левица, дека Димовска е под влијание од актуелната власт, односно дека претходно била асистентка на пратеникот Влатко Ѓорчев, советничка на претседателите на Собранието Вељановски и Георгиевски, а нејзиниот сопруг е вработен во кабинетот на министерот Тимчо Муцунски.



