Актуелно

Грипот ја забрзува активноста пред зимата, регистрирани се 116 нови случаи за една недела

Бројот на заболени од грип и заболувања слични на грип во Македонија бележи значителен пораст. За само една недела бројот на пријавени случаи се зголемил за 90,2 проценти, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, објавен на 5 ноември.

Во периодот од 26 октомври до 1 ноември биле регистрирани 116 случаи, наспроти 61 во претходната недела. Најмногу заболени има во Тетово, каде се пријавени 48 случаи, по што следуваат Куманово со 26 и Скопје со 13 случаи. Во Прилеп и Гостивар се регистрирани по седум заболени.

Особено изразен е порастот во Тетово, каде претходната недела биле пријавени само четири случаи. Тетово и Куманово заедно учествуваат со речиси 64 проценти од сите пријавени случаи во државата.

Според возрасната структура, најголем број заболени, односно 84 лица, се на возраст од 15 до 64 години. Кај лицата над 65 години се регистрирани 25 случаи, а седум случаи се кај деца на возраст од пет до 14 години.

И покрај наглиот пораст, земјава сè уште не го достигнала прагот за сезонска активност на грипот. Пријавената инциденца изнесува 6,3 случаи на 100.000 жители, додека границата за влез во сезонска активност е 7,32 случаи на 100.000 жители.

Од почетокот на сезоната 2026/2027 досега се регистрирани вкупно 343 случаи на грип и заболувања слични на грип, од кои 127 се на подрачјето на Тетово.

Во меѓувреме, продолжува и вакцинацијата против сезонски грип, која започна на 21 октомври. Досега со бесплатни вакцини се опфатени 11.629 лица од ризичните категории.

ИЈЗ потсетува дека вакцинацијата е најважната мерка за заштита од сезонски грип, особено за повозрасните лица, хронично болните, бремените жени, малите деца и здравствените работници.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons