Го убил, па предизвикал пожар во стан во Хром?
По информацијата на МВР дека пожар бил предизвикан во стан во скопската населба Хром и дека бил пронаден труп на маж, Обвинителството соопшти дека всушност најверојатно некој сакал да го сокрие убиството.
Сопственикот на запалениот стан имал рани со нож, пред да биде опожарено неговото тело, а истрагата продолжува.
Со обдукцијата извршена по наредба на јавниот обвинител, кај починатиот биле потврдени траги на насилство, односно од убоди со остар предмет како причина за смртта.
Првичните сознанија упатуваат дека пожарот бил подметнат за да се прикрие кривичното дело.
Вчера гореше стан на четвртиот кат од петокатница на улица Исаија Мажовски. Противпожарната бригада на Град Скопје интервенираше во гаснењето на огнот со три противпожарни возила. На местото беа распоредени и екипи на итната медицинска помош.
Во текот на денешниот ден, во координација со МВР, се преземаат и други дејствија и се издаваат наредби за целосно расчистување на настанот.