Во Словенија од вчера границите ги чува и војската
Припадници на словенечката армија од вчера учествуваат заедно со полицијата во чувањето на државната граница, откако владата го активираше членот 37 од Законот за одбрана, кој го овозможува ова, објавува словенечката новинска агенција СТА. На овој начин ќе се растерети полицијата за да можат да извршуваат задачи поврзани со управувањето со безбедносната состојба, особено во југоисточниот дел на Словенија.
Членот 37 од Законот за одбрана предвидува дека словенечките вооружени сили можат да соработуваат со полицијата во пошироката заштита на државната граница во рамки на националната територија во согласност со плановите и по претходната одлука на владата. Припадниците на словенечките вооружени сили немаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Во четвртокот словенечката влада одлучи да го активира членот со оглед на безбедносната состојба во југоисточна Словенија, истакнува СТА. Како што изјави премиерот Роберт Голоб по седницата, полицијата може да повикува припадници на словенечката армија за помош во многу ограничен опсег на задачи на границата. На овој начин, армијата ќе ги растерети полициските единици од југоисточна Словенија.
Според податоците на Главната полициска управа, до 40 припадници на словенечката армија ќе учествуваат во заштитата на државната граница. Моментално се планира соработка на границата во областа на Полициската управа Ново Место, но доколку е потребно, може да се прошири и на други полициски одделенија кои се најмногу оптоварени со проблемот на нелегалната миграција, објаснија тие.
Премиерот Голоб изјави и дека околу 40 полицајци од други делови на земјата дошле на помош на Полициската управа Ново Место. Тие ќе почнат да се враќаат во своите полициски одделенија, а ќе бидат заменети со околу четириесет полицајци кои моментално се на должност на границата.
„Кога овие 40 полицајци ќе бидат префрлени во Полициската управа Ново Место, односно на терен со цел одржување на редот и мирот, ќе има празнина во персоналот на границата, а таа празнина во персоналот ќе ја пополни армијата со свои 40 припадници“, објасни тој.
Полицијата секој месец ќе известува за потребата од активирање на член 37 од Законот за одбрана, а одлуката на владата е важечка до нејзиното отповикување. Ново Место неодамна беше потресено од убиството на 48-годишниот маж пред локален ноќен клуб. Убиениот Алеш Сутар беше претепан од група Роми ноќта меѓу 24 и 25 октомври околу 2:30 часот наутро, откако пристигнал да го земе својот син, на кого претходно му се заканувале Ромите.



