Безбеден град ги „смири“ возачите да не „летаат“, ама не може да не спаси од пијани возачи
Алкохолот станува сериозен фактор на ризик на македонски патишта. Според официјалната статистика за прекршоци поврзани со возење под дејство на алкохол, во изминатите четири години и првите девет месеци од 2025 година се бележат значителни варијации по региони, но и јасен тренд на пораст во дел од нив. Системот Безбеден град кој деновиве е пуштен во употреба делумно го „смири“ Скопје од брзи возачи, но камерата не препознава дали возачот е пијан или не. Регистрира прекршоци, а возењето под дејство на алкохол останува на свеста на возачите и на сообраќајната полиција кој запира и го мери алкохололот со дрегер.
Најголем број прекршоци речиси секоја година се регистрираат на подрачјето на Скопје. Во 2021 година таму биле евидентирани 2.450 случаи, а во 2023 бројката достигнала 4.000 казни за возење под дејство на алкохол. Мобилната единица, која има улога на засилена контрола, во 2021 забележала 1.259 прекршоци, а во 2023 – 2.160.
Во Велес прекршоците се движат од 978 во 2021 до 1.407 во 2023 година. Куманово бележи раст од 1.180 на 1.905 случаи, а Струмица – од 818 на 1.626. Охрид има поинаков тренд: од 793 прекршоци во 2021 година, бројката расте до 1.110 во 2023 година, но се намалува во 2024. Тетово и Штип остануваат со пониски, но стабилни вредности: Тетово од 732 во 2021 година достигнува 858 во 2023, а Штип од 1.721 во 2021 благо се намалува на 1.694 во 2023.
Во првите девет месеци од 2025 година, вкупно се евидентирани 7.355 прекршоци. Најмногу повторно се регистрирани во Скопје (1.312), Куманово (1.104) и Струмица (1.081), што укажува на тоа дека проблемот останува присутен, без оглед на засилените контроли.
Системот Безбеден град во првиот тест период за 24 часа на 1 декември регистрирал 110 илјади прекршоци, додека според информациите од МВР на 2 декември регистрирани се вкупно 50.652 прекршоци, што претставува преполовување на бројот на регистрирани прекршоци. Од нив 48.861 се прекршоци за брзина, 1.366 за црвено светло и 425 за нерегистрирани возила.
Најголема брзина за која е регистриран прекршок во тест периодот е 209 километри на час.
Од МВР информираат дека камерите од системот „Безбеден град“ ги регистрираат само оние возила кои сториле сообраќаен прекршок, но не и вкупниот број на возила коишто се движеле по улиците во градот за време на тест периодот. Ова покажува дека возачите стануваат свесни за опомените и казните и за почитување на сообраќајните правила.
Системот идентификувал “жешки точки“ на кои се регистрирани најмногу прекршоци за брзо возење или поминување на црвено светло, од МВР велат најбрзо се вози на излез од Скопје кон Тетово и на булевар „Никола Карев“, додека најмногу прекршоци за поминување на црвено се регистрирани на раскрсницата на улицата „Цветан Димов“ и улицата „Џон Кенеди“.
Во декември возачите ќе добиваат само предупредувања, без изрекување казни. Од јануари системот влегува во целосна примена.
Од МВР појаснуваат дека санкционирањето ќе биде согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кој, со последните измени, дозволува документирање на прекршоците со камери, без толеранција и секаде каде што ќе се снима – во град или на автопат.
Засега со камери се покриени Скопје, Тетово и Куманово и автопатите и експресните патишта долж коридорите 8 и 10. До средината на наредната година планирано е да биде покриена целата територија на државава.



