Армијата ќе ја тестира својата борбена готовност на воената вежба „Блесок 2026“
Околу 1500 припадници на Армијата на Република Северна Македонија, заедно со НАТО-монитори и тим на набљудувачи од Мултинационалните копнени сили, ќе учествуваат и ќе бидат дел од големата воена вежба „Блесок 26“, која треба да се одржи од 19 до 27 април на повеќе локации низ државата. Вежбата ќе претставува продолжение на серијалот „Македонски Блесок“ кој е клучен чекор во процесот на оценување на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ) како НАТО-декларирана единица.
Вежбата денеска ја најавија началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и директорот на националната вежба „Блесок 26“, полковник Игор Арсовски, на брифинг со новинарите.
Како што соопштија од Генералштабот на Армијата, станува збор за тактичка теренска вежба со боеви гаѓања, во која единиците ќе дејствуваат во симулирано реално борбено опкружување, со употреба на спротивставени сили. Главната цел е да се провери и демонстрира нивото на борбената подготвеност на ЛПБГ, согласно стандардите на НАТО.
Оценувањето ќе го спроведе национален тим сертифициран според НАТО-процедури, додека процесот ќе биде следен и од монитори на Алијансата, со што ќе се обезбеди валидност и транспарентност на целокупната евалуација.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лифчински информираше дека оваа вежба е една од поголемите во државата во која ќе учестуваат околу 1500 војници и голем број на воена техника.



