МакедонијаНајново

Анализите на Фондот покажале дека во јавниот сектор има повеќе од 3.000 случаи на можно незаконско користење боледување

Анализите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија покажале дека во јавниот сектор има повеќе од 3.000 случаи на можно незаконско користење боледување, а најголем дел од тие  сомнителни отсуства имало во Министерството за внатрешни работи и во Армијата. Директорот на ФЗО Златко Перински вчера најави детални проверки и постапки за утврдување одговорност.

Вчера Перински изјави дека во наредниот период ќе работи на надминување на проблемот со големиот одлив на средства за лекувања во странство и за ортопедски помагала, како и промена на системот на контрола на боледувањата.

Според досегашните проверки на ФЗО, дел од вработените во униформираните служби останувале на непрекинато боледување подолго од пет години. Меѓу спорните случаи има и отсуства што траеле од една до три години, како и боледувања продолжувани во период од три до пет години. Фондот ќе ги испитува околностите под кои биле одобрувани долготрајните отсуства и дали постоела медицинска основа за нивното продолжување.

Случаите кај кои ќе бидат утврдени индиции за незаконско стекнување материјална корист или оштетување на буџетот ќе бидат доставени до надлежното обвинителство. Проверките нема да бидат насочени само кон вработените што ги користеле боледувањата, одговорност ќе се бара и кај медицинските лица и институционалните механизми што овозможиле отсуствата да траат со години.

Вакви наоди, дијагнози и медицински извештаи може да издаваат матични лекари и специјалисти. Ќе се проверува работата и на лекарските комисии во ФЗОМ, кои одлучувале за продолжување на боледувањата над законски утврдените рокови. Надлежните треба да утврдат дали станува збор за поединечни пропусти или за пошироко воспоставена практика преку која одредени вработени со години ги избегнувале работните обврски, истовремено користејќи средства од јавните фондови. ФЗОМ најавува систематска контрола на боледувањата подолги од 30 дена, но и построги процедури при одобрувањето лекување во странство. Барањата за упатување пациенти надвор од државата ќе поминуваат низ дополнителни проверки за да се спречи неоправдано трошење на средствата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons