Актуелно

Oд вас зависи дали ќе станете членка на ЕУ до 2030 година, рече амбасадорот Гир 

Дали ќе станете членка на ЕУ до 2030 година зависи од вас и спроведувањето на реформите, рече евроамбасадорот Дејвид Гир на денешната тркалезна маса на тема евроинтеграциите во организација на Советот на амбасадори. „Ќе има подеми и падови и овде и во Брисел. Сметам дека долгорочниот пат, трасата е утврдена од ЕУ и ветувањето е реално. Зависи од оценувањето на взаемните потреби и интереси“, рече Гир, според кого нов импулс во европроширувањето дава состојбата во Украина.

Според него, ЕУ-интеграцијата мора да биде национален проект бидејќи ќе има бројни предизвици.

Во врска со францускиот предлог и барањето на Бугарија за промена на Уставот Гир рече дека станува збор за суверена одлука за оваа држава, меѓутоа, како што додаде, јасно е дека со цел да се искористи импулсот во процесот на пристапувањето промените во Уставот мораат да се направат.

„Не го губите идентитетот, јазикот, историјата на патот кон ЕУ“, потенцираше тој додавајќи дека други земји – членки имале такви уставни заштити вклучени во нивните устави и како пример ја посочи Хрватска.

Евроамабасадорот Гир рече дека не ветува дека повторно ќе се преговара за Договорот до којшто тешко се дојде.

„Најпрво и најважно Северна Македонија треба да продолжи да демонстрира вистински напредок во реформите. Едноставно нема кратенки во тој дел. Зборовите не се доволни. Земјата мора да ги усогласи своите закони и практики со тие на ЕУ и да ги спорведува овие стандарди. Ова за ЕУ значи дека Северна Македонија е способна да ги преземе обврските од членството. А за Северна Македонија дека може да им конкурира на сите земји – членки на ЕУ на еднакво ниво и да ги искористи бенефициите на членките“, рече Гир.

Одредени случувања од минатата година, според него, укажале дека реформските процеси во некои клучни области се враќаат наназад и дека тие решиле да зборуваат за неуспесите во овие делови.

Во својот говор тој посочи дека нов имплус на процесот на проширување има како резултат на војната во Украина.

„Не зборуваме за прескокнување на реформи туку за препознавање на различните начини на кои сме поврзани заедно врз основа на вредности, трговија, развој, безбедноста и како заедно можеме да се осврнеме на клучните прашања на денешното време: климатските промени, зелената агенда, мирот и безбедноста., меѓународната конкуренција и трговија, поврзаност, миграција“, рече евроамбасадорот Гир.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons