Eко-свест: НЕ за нови рудници за лигнит и јаглен во Новаци 

Еко-свест најостро ги осудува најавите за отворање на нов рудник за лигнит во Живојно, во општината Новаци. Овој проект е неприфатлив од еколошки, енергетски и економски аспект, а е спротивен со сите стратегии и декларираните заложби на државата, сметаат од оваа организација.

„Откако на листата на пријавени проекти за Економскиот и инвестициски план за Западен Балкансе најде и рудникот за лигнит Живојно, првата претпоставка беше дека тоа е ненамерна грешка и остаток од некои стари планови што потекнуваат од пред изработката на Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година. Но, сега и директорот на компанијата во државна сопственост АД ЕСМ во изјава за медиуми најавува дека активно се работи на отворање на рудникот и дека биле преземени конкретни чекори во 2021 година.

По ваквата најава, со кратко истражување се откри дека АД ЕСМ веќе неколку години, во период и пред енергетската криза, доделило неколку тендери за изработка на документација за отворање на рудникот. Во 2019 година е доделен тендер за изработка на главен рударски проект и оцена на влијанието за животната средина; во 2020 година за геотехнички истражувања за одлагалиште на јаловина од рудникот и во 2021 година за елаборат за експлоатација.

Сето ова се случува во период кога се изработува и усвојува Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и се работи на Националниот план за енергија и клима –  плански документи што јасно укажуваат на потребата од забрзана енергетска трансформација и оддалечување од употребата на фосилни горива, а со кои ја поставија земјата како лидер во рамки на Енергетската заедница во однос на  плановите за трансформација на енергетскиот сектор.

Независно дали ваквите преземени чекори и најавите за отворање на нов рудник се самостојна иницијатива на АД ЕСМ или се направени во координација со Владата и Министерството за економија, ваквото однесување во енергетскиот сектор е недозволиво“, соопшти Еко-свест.

„Едно е да се направи интервентен увоз на јаглен за да се пребродат неколку месеци од енергетската криза, но сосема друго е целосно да се поткопаат сите обиди за енергетска и праведна транзиција. Отворање на нов рудник само ќе ја влоши ситуацијата произлезена од 30 годишното неспроведување на плановите во енергетскиот сектор и од одложувањето на искористувањето на новите обновливи извори на енергија, како што се сонцето и ветерот“, изјави Невена Смилевска од Еко-свест.

„За земјата конечно да ја фати правилната насока, треба активно да работи на праведната транзиција и постепено намалување на вработените во рудниците за лигнит, а не да се отвораат нови рудници. Сите инвестиции во енергетскиот сектор што ќе се преземаат од денес натаму мора да бидат во согласност со обврските од стратегиите и меѓународните договори. Времето на одобрување и реализација е исто, нема оправдана причина да се троши време, капацитети и финансии за проекти што ќе не вратат многу чекори назад и ќе продолжат да ја трујат животната средина и населението“, вели Давор Пехчевски од Еко-свест.


Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons