Отворен е Штип сити мол, првиот трговски центар во Источна Македонија
Со свечено сечење на лентата и преку целодневна музичка програма и активности за сите генерации, денеска беше официјално отворен првиот трговски центар во Источна Македонија – Штип сити мол.
Голем број на посетители од целиот регион дојдоа да го посетат трговскиот центар и да се запознаат со неговите содржини.
На вкупна површина од 12.780 м², распоредени на 5 нивоа, Штип сити мол нуди тематски разновидни содржини и услуги кои ја заокружуваат целата идеја за еден светски мултифункционален објект и се очекува да стане најголема и најпосетувана атракција за целиот регион.
„Дека потребата од трговски центар од ваков тип во Штип и во регионот е голема, покажаа уште еднаш сите граѓани кои денеска дојдоа заедно да го означиме почетокот на овој голем проект. Целата наша напорна работа во изминатиот период, посветеноста на сите вклучени страни, сите предизвици со кои се соочивме, се исплатеа за денес да имаме готов проект кој на 100.000 граѓани од целиот регион ќе им даде незаборавно шопинг искуство, но и место за забава и дружба. Ова е само почетокот на една убава приказна која и ја посветуваме на градот Штип и заедно со сите вас ќе продолжиме да ја градиме”, изјави Горан Јордев, сопственик на Штип сити мол.
Овој нов трговски центар на граѓаните, но и на градот Штип ќе им понуди квалитетно шопинг искуство по светски стандарди, место за забава и дружење, и ќе претставува вистинска регионална атракција и место за уживање на целото семејство.