МакедонијаНајново

Тим од Вашингтон ќе „лови“ корумпирани политичари во Македонија

САД поагресивно ќе се бори против корупцијата во Македонија. Американски тим пристигна во Скопје за да истражува корупција кај поранешни и актулени функционери.

-Тимот за санкции од Вашингтон е тука за поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори. На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и гонење за да се покаже дека никој не е над законот, објави Агелер.

Агелер, која функцијата амбасадор на САД ја презеде пред неполн месец, уште на стартот од својот мандат јасно стави до знаење дека борбата против корупцијата во Македонија е приоритет за американската администрација. Уште во нејзиното прво излагање пред јавноста кажа дека корупцијата го кочи напредокот на земјата на патот кон Европската Унија.

Американскиот тим ќе одлучува за евентуални санкции корумпираните функционери. Генерално, тоа се економски санкции кои може да ги применуваат и други држави кон поединци или групи.

Од владејачката СДСМ велат дека со отворени раце ја прифаќаат секоја помош во борбата против корупцијата.

-Го поздравуваме тој факт и секоја помош е добредојдена за нашето правосудство и органите и телата на државата да можат подобро да се справуваат со корупцијата. Ние сме покажале и во минатото дека сме одлучни во справување со корупцијата. Сте виделе и некои наши поранешни функционери коишто подлежат на санкции или се изведени пред органите на прогон. Тоа е нешто што е незамисливо за едни други времиња.

„Каде ги гледате виновниците, зошто САД за првпат толку агресивно сакаат да ја искоренат корупцијата во државата?“

-Тоа ќе треба да ги прашате пријателите во американската амбасада, , рече потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинува дека пет години власта користи празни флоскули за борба против корупцијата. Според партијата, со СДСМ и ДУИ невозможна е сериозна борба против корупцијата.

-Меѓународните пријатели на Македонија со години бараат и инсистираат на сериозна борбата со корупција, особено висока корупција со учество на власта, но тоа не само што го нема, туку Македонија сѐ подлабоко тоне на кредибилните мерења. Невозможно е со оваа влада, која што очигледно е на чело на корупцијата да има исчекор. СДС и ДУИ ги гледаме во улога на помошници на меѓународниот криминал, ги гледаме како заштитници на домашните нарко банди, гледаме како исчезнуваат пари од буџетот, но и како местат судии и јавни обвинители од нивните партиски “тефтери”, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Алијанса за Албанците го поздрави потегот на Вашингтон. Партијата очекува на „црната листа“ на САД да се најдат и актуелни политичари, но и инволвираните во аферата „Маѓар Телеком“.

-Денешната мисија ја покажува решеноста на американската администрација да ја отстрани оваа чума што го поткопува развојот на нашите држави и иднината на нашата младина во земјава. Очекуваме на списокот да се додадат и други корумпирани актери коишто се сè уште политички активни и недопирливи за правдата во државата бидејќи токму тие ги контролираат судиите и обвинителите, велат од АА.

И заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар минатата недела најави санкции за корумпирани политичари бидејќи досегашните вродиле со плод. Меѓу последните кои САД ги сместија на црната листа се поранешниот премиер Никола Груевски и ексшефот на УБК, Сашо Мијалков со нивните потесни семејства.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons