Актуелно

Во која валута најчесто штедат македонските граѓани? 

Македонската валута, денарот ужива висока доверба кај граѓаните и голем дел од населението штеди во денари. Така е долги години, а процесот се интензивира од 2002 година наваму. Ова го потврдуваат од Народната банка од каде велат дека штедењето во денари во услови на макроекономска стабилност и поволен каматен распон, долг временски период се зголемуваше со значително побрзи стапки на раст во однос на штедењето во девизи. 

Додаваат дека во периодот од 2002 до 2021 година, денарските депозити растат многу побрзо, со просечна годишна стапка од околу 18 отсто, за разлика од девизните депозити кои растат значително побавно, со просечна стапка од околу 8 отсто. 

„Оттаму е и забележителното зголемување на учеството на депозитите во домашна валута во вкупните депозити на населението, коешто на пример од околу 30 отсто во 2002 година, на крајот на 2020 година изнесуваше околу 53 отсто“, објаснуваат од Народна банка. 

Но, шоковите кои го потресоа светот последниве две – три години како што се пандемијата на коронавирусот и војната во Украина, ја „подгреаја“ неизвесноста и предизвикаа мали промени и кај нас. 

„Појавата на пандемијата, а потоа и последователниот шок предизвикан од војната во Украина и кај нас и во светот значително ја подигна неизвесноста, а донесе и растечка инфлација. Во вакви околности, што е вообичаено за епизоди на кризи и покрај неприкосновеноста на стабилноста на курсот, кај дел од населението од средината на 2021 година се забележуваат нешто поголеми преференции за располагање со странска валута. Учеството на денарското штедење забележа умерен пад и тековно изнесува 46,3 отсто. Во последните неколку месеци ова учество е стабилно и упатува на значително стабилизирање на очекувањата и довербата во однос на девизниот курс и поволни валутни поместувања во депозитите на граѓаните. За ова  придонесоа и промените во политиката на Народната банка со зголемување на каматите и промени во задолжителната резерва, токму во насока на стимулирање на штедењето во денари“, велат од Народна банка. 

Во моментот, заклучно со септември 2022 година, вкупните депозити на населението во банките и штедилниците изнесуваат 313,4 милијарди денари (5,095 милијарди евра), од кои голем дел-145,2 милијарди денари се денарски депозити, а останатите се девизни депозити.

„Во однос на стабилноста на денарот, таа е загарантирана. Народната банка речиси три децении успешно ја одржува стабилноста на денарот, вклучително и во кризни епизоди. Покрај институционалниот капацитет, гаранција за стабилноста на домашната валута се и инструментите со кои централната банка располага, пред сè тоа се девизните резерви кои континуирано се градат низ годините и тековно се на историски највисоки нивоа. Дополнително тука е и репо-линијата на Европската централна банка од 400 милиони евра, која ни беше доделена во периодот на пандемијата, и која досега не сме ја искористиле, но ни стои на располагање за оваа намена“, соопштуваат од Народна банка. 

Граѓаните штедат и во време на криза, затоа што тоа е инвестирање за подобра иднина. Штедењето воедно е значаен фактор за унапредување на економскиот развој.  И претходно Народна банка соопштуваше дека македонските граѓани негуваат култура на штедење во банкарскиот сектор. За период од една деценија, на годишно ниво имало скок на вкупните депозити во банките. 

faktor.mk


Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons