Македонија само до реми прoтив Финска
Македонија одигра интересен натпревар против Финска во Скопје, Енис Барди од пенал погоди и донесе реми за „црвено-жолтите”.
Македонија ремизираше 1-1 против Финска во првиот од двата тест натпревари кои „црвено-жолтите“ ќе ги одиграат оваа недела.
Реализацијата повторно беше проблем, како и лошата дефанзива, гостите многу лесно преку контри се закануваа по голот на Столе Димитриевски.
Македонија беше подобар противник во првиот дел, но избраниците на Милевски не знаеа како да ги искористат шансите. Повратникот Илија Николовски имаше неколку добри прилики, но голманот на Финска ги доби сите дуели.
На спротивната страна, гостите знаеа да го реализираат тоа што им се укажа. Откако во првата прилика ја погодија рамката од голот, во 37. минута Антман се најде осамен пред Димитриевски и успеа да ја протне топката покрај голманот за 0-1.
Второто полувреме наликуваше на првото, Македонија напаѓаше но Јоронен ги спречи двата обиди на Барди од слободен удар. Финска преку контри повторно се закануваше, но Димитривски овој пат беше на висината на задачата и не дозволи неговата мрежа по втор пат да биде затресена.
„Црвено-жолтите“ сепак успеаја да постигнат гол, Алиоски беше соборен во шеснаесетникот а Барди од белата точка погоди за 1-1 во 75. минута.
Финска можеше повторно да не шокира во финишот по еден прекин, но гостите ја погодија само стативата.