Млекото од денеска со повисоки цени во македонските продавници
Во текот на денешниот ден се очекува млекото да добие нова, повисока цена во продавниците. Колкава ќе биде корекцијата се уште не се знае бидејќи се прават калкулации и се трошат залихите.
„Во ситуација кога имаме континуиран бран поскапувања во сите производни сегменти, почнувајќи од примарното млекопроизводство и зголемувањето на цената на добиточната храна, што се одрази со зголемување на откупната цена на млекото за 40 отсто, само од август ланската година до овој август, како и повеќекратниот раст на цените на енергенсите, Бимилк како одговорна компанија и најголем производител на млеко и млечни производи во земјава, во текот на целиот период од почеток на кризата има направено неопходни корекции на цената на своите производи. И ние, како и останатите во индустријата, ги очекуваме најавените мерки за поддршка на бизнис секторот за да овозможиме поизедначена позиција во синџирот на млекопроизводство“, се вели во соопштението од Бимилк.
Во моментов литар млеко во продавниците во Македонија се продава за околу 75 денари.