Ќе проработи ли рудникот „Живојно“ за оваа грејна сезона?
Рудникот Живојно , за кои ште пред десетина години поранешната власт најавуваше дека ќе ги истражува, а сегашната ја имаше во рамки на програмата „План за живот во Македонија“, не се отвори до денес, сега во енергетската криза се нуди како адут за производство на струја на стожерот РЕК Битола.
-Во врска со новиот рудник за јаглен во РЕК Битола, Живојно, во тек се завршни активности околу документацијата, и се прават технолошки активности и последни подготовки за отпочнување на експлоатација на овој нов рударски капацитет до крајот на годината и почетокот на следната година, така што се очекува првите количини на јаглен да се ископаат во текот на оваа грејна сезона и значајно да го подобрат снабдувањето со сопствен јаглен на ТЕ Битола, велат од ЕСМ во одговор за „Фокус“.
Според информациите на официјалната страна на ЕСМ наоѓалиштето „Живојно“ е третото главно лежиште за јаглен во Пелагонискиот регион. Лоцирано е приближно 35 км југоисточно од градот Битола, до самата граница на Р. Северна Македонија со Р. Грција, на 20 км од рудникот Суводол, како продолжение на рудникот Брод-Гнеотино. Зафаќа површина од приближно 25 км2.
-Ги слушавме ветувањата за отворање на рудникот и од двете партии, но уште пред пет години кога СДСМ дојде на власт најави отварање на овој рудник, но тоа не се случи. Сега е доцна да се почне со ископот, ако воопшто се почне, бидејќи на сите овие работи се мисли порано, а ние како земја сме неспремни за енергетската криза која започна и пред војната во Украина, вели професорот Константин Димитров за „Фокус“.
Од систематските истражувања, спроведени во периодот од 1966 до 1984 година од Геолошки завод – Скопје, е изработен Елаборат за рудните резерви во јагленовото наоѓалиште Живојно. Во октомври 2012 година беа завршени деталните геолошки истражувања од кои се добија финални точни параметри во поглед на квалитетот и квантитетот на јагленовите слоеви, геотехничките, геолошките и хидролошките податоци од околните карпи.
Според техничко-економската анализа за експлоатација на јагленот од рудникот Живојно изработена во 2013 година од „Премоговник“- Велење, Словенија, постојат оправдани можности за ископување на јаглен со подземна експлоатација на рудникот со капацитет од 1 милион тон јаглен годишно. Вкупните проценети геолошки резерви на јаглен во наоѓалиштето Живојно, можноста за нивна експлоатација и близината на ТЕ „Битола“ (cca 20 km) ги оправдува напорите за негова употреба при подолг период. Освен продолжувањето на животниот век на термоелектраната Битола, друг позитивен ефект е превенцијата на поголеми увози на електрична енергија.
Во моментов, во фаза на изработка е главен рударски проект за отворање, разработка и за експлоатација на јагленот од наоѓалиштето „Живојно“ со јамска технологија.
Инаку, уште во 2011 година на Денот на рударите, екс директор на тогашното ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, рече дека вршеле доистаржување на јагленото наоѓалиште во Живојно, во пелагонискиот басен близу грчката граница.
Рече дека по истражувањето се планира отворање на рудникот со јамска експлоатација, подземна, за каква се нема искуство во Пелагонија зашто досегашните рудници се површински, па ќе се обезбеди руда за производство на струја во следните 20 години. Дури и транспортниот систем кој го пуштија во 2012 година беше кажано дека освен руда од површинскиот коп Брод Гнеотино, ќе носи и од рудникот Живојно до Суводол. За жал, транспортерот, инвестиција од 18,6 милиони евра, обезбедени преку кредит, не проработи, па руда се носеше со камиони.