МВР апелира на внимателност – мало невнимание може да предизвика пожар со тешки последици
По настапувањето на последните, значително повисоки температури и најавите дека во наредните денови тие уште повеќе ќе се зголемат, во голема мерка се зголемија и потенцијалните опасности за избувнување пожари. Особено поради фактот дека има забележителна раздвиженост на нивите, но и во шумите, укажуваат денеска вио соопштение од Министерството за внатрешни работи.
Повикуваат на внимателност при движење во поле и низ шумите, и да не се палат отпадоци, меѓи и стрништа на нивите и да не се фрлаат неизгаснати догорчиња.
-Покрај ова, на оние кои ќе престојуваат на излетничките места, им се укажува да се воздржат од палење огнови, кои брзо можат да пламнат и да се прошират наоколу, а со тоа да предизвикаат и материјални и други последици од несогледливи размери. Исто така, на отворен простор да не се оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да причинат пожар, се наведува во соопштението.
Најавуваат дека доколку граѓаните не се придржуваат на овие апели и препораки ќе се соочат со ригорозни законски санкции, односно со пријави и можни затворски казни од 6 месеци до 8 години, зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.
– Министерството за внатрешни работи овој месец засилено презема координирани превентивни и други мерки со советодавните групи на граѓани, месните и урбаните заедници, навреме да се пресретнат можните причини за пожари, а во координација со други институции и служби ќе бидат засилени и планираните контролни активности, порачуваат од МВР.