Жената од Топлица закрепнува, сопругот во притвор под психијатриска терапија
Два дена по бруталното претепување во семејниот дом, 42-годишната жена од гостиварско Топлица е во стабилна здравствена состојба. Свесна е и контактибилна, потврдуваат за Сител лекарите од универзитетската клиника за трауматологија. Нејзиниот сопруг, пак, од психијатриската болница во Бардовци, доцна синоќа е префрлен зад решетки во истражниот затвор во Шутка. Гостиварскиот суд му одреди 30-дневен притвор, а од затворот велат дека 52-годишникот е прегледан од психијатри и дадена му е соодветна терапија.
Опасноста сомничениот да го доврши делото е една од причините поради кои Обвинителството побара притвор. Според истрагата, мажот со умисла се обидел да ја убие својата сопруга. Освен скршени ребра и крварење во мозокот, жената имала и убодни рани по телото.
Дали нарушеното ментално здравје на мажот имало влијание врз неговото насилно однесување, дополнително треба да се утврдува. Според психолозите, освен моменталната здравствена состојба, потребно е да се анализира и неговата медицинска историја.
Мажот е под истрага за обид за убиство при семејно насилство. Според информации на полицијата, тој досега не бил пријавуван за насилство во сопстгвениот дом, но издржувал затворски казни за други кривични дела.
Во меѓувреме, полицискиот билтен повторно бележи нови случаи на насилство во семејните и партнерски односи. МВР евидентира 14 случаи на насилство, закани и агресивно однесување. Во седум од нив жртви се жени, а една од нив завршила во тетовската болница. Според пријавата, 25 годишната жена од тетовско била физички нападната додека се возела со својот 30 годишен вонбрачен сопруг. Таа пријавила дека и претходно била тепана и психички малтретирана, но и дека партнерот и ја ограничувал и слободата на движење.



