МакедонијаПолитика

Мицкоски: Оптимист сум дека ќе најдеме решение за Алта банка, приоритет е заштитата на доверителите и работните места

„Јас немам официјални податоци кои се сопственици, кој се ги отуѓил акциите и слично. Претпоставувам за тоа ќе треба друга институција да даде одговор. Ова кое што вие го споменувате почитуван пратеник Азизи е вест која што исто така јас сум ја прочитал од медиумите. Но, сигурен сум дека во оваа една транспарентна истрага на која што охрабрувам и повикувам од страна на истражните органи и јавното обвинителство ќе се утврди и ќе се констатираат сите факти за македонската јавност да биде на чисто“, вели претседателот на Владата Христијан Мицкоски на денешната надзорна расправа за Алта банка.

Мицкоски нагласи дека главна цел на Владата е банката да добие нов сопственик и да се избегне нејзиното заминување во стечај. Според него, најважно е да се заштитат доверителите и работните места на вработените.

„Ќе повторам мој приоритет, а за тоа ќе зборуваат малку подоцна и членовите на Народната банка, е оваа банка да добие сопственик за да не појде во стечај. Тоа е многу важно и јас сум многу голем оптимист дека ќе успееме во таа намера, бидејќи наш приоритет останува да ги заштитиме сите доверители на банката и да ги заштитиме работните места на вработените во банката. Инаку што се однесува на првиот дел од вашето прашање и релацијата на доверителска основа помеѓу македонската Влада и српската компанија Алта банка во 2023 година на седницата која што е разговарано и дадено е овластување народниот правобранител да ги отуѓи акциите на Алта банка кои што се сопственост на македонската Влада, присуствуваат како прв вицепремиер Артан Груби, потоа како министер за финансии Фатмир Бесими, како министер за економија Крешник Бектеши,  образование Јетон Шакири, а од редовите на СДСМ, таму е претседателот на Владата Димитар Ковачевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министер за транспорт Благој Бочварски, министер за одбрана Славјанка Петровска, министер за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, Бујар Османи, Љупчо Николовски итн. Ако некој има најмалку право да зборува за ова што се случува денеска, па и да спинува и клевети тоа е токму политичката опозиција во Македонија“, рече тој.

Премиерот Мицкоски ги повика сите политички партии да не го попречуваат процесот на изнаоѓање решение, односно како што рече ако не можат да помогнат, тогаш нека не одмагаат.

„Она што најљубезно ги замолувам сите политички партии ако не помагате, ве молам најљубезно не одмагајте, оставете да најдеме решение, оптимисти сме дека решението е најдено, да заврши овој процес онака успешно како што ќе биде во интерес на доверителите и на банката“, дециден е Мицкоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons