Актуелно

Готовината сè уште владее со онлајн трговијата, само седум проценти од Македонците имаат напредни дигитални вештини

Додека светот воведува ВИ-агенти и автоматизирано купување, Македонија се бори со ниски дигитални вештини, сива економија и недоверба во онлајн плаќањата

Македонија сè уште е далеку од европските стандарди во дигиталната трговија. Само седум проценти од населението има напредни дигитални вештини, наспроти 64 проценти во Европската Унија, а готовинските плаќања и недовербата во онлајн купувањето остануваат сериозна пречка за развојот на е-трговијата. На овие слабости предупреди претседателката на Асоцијацијата за е-трговија во Македонија, Нина Ангеловска, пред почетокот на деветтата Регионална конференција за е-трговија. Таа порача дека земјата мора истовремено да ги решава постојните проблеми и да ги следи новите технологии.

-Додека светот зборува за ВИ-агенти, хиперперсонализација и автоматизирана е-трговија, ние во регионот сè уште се соочуваме со некои основни предизвици- изјави Ангеловска.

Според неа, покрај недостигот од дигитални вештини, проблем претставуваат високото ниво на сива економија, недоволната доверба на потрошувачите и доминацијата на готовинските плаќања.

Таа нагласи дека не може да се чека прво да се решат сите основни слабости, па дури потоа да се размислува за иднината на дигиталната трговија. Потребно е паралелно да се инвестира во знаењето, довербата и новите технологии. Податоците на Асоцијацијата покажуваат дека повеќе од 50 проценти од трансакциите се во корист на домашните трговци, што Ангеловска го оцени како позитивен показател. Сепак, со растот на глобалните платформи се зголемува и вредноста на плаќањата со домашни картички кон странски трговци.

Според последните податоци на Народната банка, вредноста на реализираните електронски трансакции во првото полугодие е зголемена за 14 проценти во однос на истиот период лани.

Асоцијацијата за е-трговија изработила и анализа за готовинските наспроти безготовинските плаќања, со која треба да се утврдат можностите за забрзување на развојот на безготовинската трговија. Резултатите ќе бидат презентирани на конференцијата, на која учествуваат повеќе од 900 претставници од 12 држави, меѓу кои и компании како „Гугл“, „Линкедин“, „Тесла“ и „Амазон“.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски оцени дека постојат добри предуслови за развој на електронската трговија, бидејќи купувачите сè повеќе се присутни на интернет, а 97 проценти од малите и средните претпријатија имаат пристап до интернет. Како следен чекор ги посочи развојот на е-трговијата, дигитализацијата на плаќањата и унапредувањето на дигиталните вештини.

Министерството работи на формирање два европски дигитални иновациски хаба, кои треба да им помогнат на малите и средните претпријатија во процесот на дигитална трансформација. Едниот се реализира во соработка со ФЕИТ, а другиот преку проектот „Дигитмак“.

Преку првиот хаб, кој функционира речиси година и пол, повеќе од 60 компании досега добиле дигитални процени, патокази за трансформација и обуки. Андоновски го посочи и примерот од Битола, каде во соработка со стопанските и угостителските комори, две домашни банки и „Виза“ е започната целосна дигитална трансформација на повеќе од 90 мали и средни претпријатија.

Министерот најави дека слични иницијативи ќе се спроведуваат и во други делови од земјата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons