Трамп им вети по 5.000 долари на сите Американци – ако републиканците победат на изборите
Американскиот претседател Доналд Трамп повторно им вети на Американците по 5.000 долари доколку Републиканската партија победи на изборите за Конгресот, закажани за вторник, 3 ноември, пренесува американската телевизиска мрежа Еј-би-си.
„Ова се најважните избори во историјата“, изјави Трамп во петокот вечерта пред своите приврзаници собрани во Дејтона Бич, во американската сојузна држава Флорида.
На собирот тој го повтори ветувањето дека секој граѓанин ќе добие по 5.000 долари доколку републиканците победат на изборите за Конгресот. Ова ветување отвори прашања и за неговата законитост и за начинот на кој би се обезбедиле парите.
Претходно истиот ден, пред да отпатува за Флорида, Трамп во Овалната соба изрази оптимизам за изборниот резултат.
„Републиканците имаат шанса да постигнат добар резултат. Можеби дури и многу добар“, рече тој.
Сепак, веднаш потоа беше повоздржан во прогнозите, во време кога неговата популарност е на најниско ниво досега, поради високите трошоци за живот и тензиите во односите со Иран.
„Обично претседателот, без разлика дали е добар или лош, републиканец или демократ, губи на изборите на средината од својот мандат, кога се избираат сите членови на Претставничкиот дом и една третина од членовите на Сенатот“, рече Трамп, посочувајќи на историскиот тренд на ваквите избори.
На изборите, кои традиционално се одржуваат на средината од мандатот на американскиот претседател, демократите се надеваат дека ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом од републиканците, а можеби и врз Сенатот.
До петокот напладне, 47,9 милиони Американци веќе го искористиле правото на предвремено гласање.



