Големо засилување за репрезентацијата: Дмитро Хориха ќе игра за Македонија
Македонската ракометна репрезентација ќе биде посилна за украинскиот лев бек Дмитро Хориха, кој доби македонски пасош и ги исполни условите за настап за националниот тим.
Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, потврди дека искусниот ракометар ќе му се стави на располагање на селекторот Кирил Лазаров.
Хориха го заврши потребниот период за промена на репрезентацијата според правилата на ИХФ и сега има право да го облече дресот на Македонија. Неговото доаѓање се очекува да донесе дополнителен квалитет на левата бековска позиција, особено поради шутерските способности и искуството од настапите на меѓународната сцена.
Украинецот претходно беше стандарден член на репрезентацијата на Украина, за која одигра повеќе од 20 официјални натпревари и постигна околу 60 голови. Тој беше дел и од украинскиот состав на Европското првенство во 2020 година, а настапуваше и во квалификациските циклуси за следните големи натпреварувања.
Македонија во ноември ги започнува квалификациите за Европското првенство, а првиот натпревар го игра на домашен терен против Луксембург на 4 ноември. Четири дена подоцна, избраниците на Лазаров ќе гостуваат кај Грција, во натпревар во кој Хориха би можел да го има своето деби за македонската репрезентација.



