Дојранското Езеро повторно под закана, државата ги исклучила пумпите поради високи сметки
Еколошка катастрофа одново му се заканува на Дојранското езеро, а дведеценискиот проект за спас на езерото е загрозен, откако пред три месеци биле исклучени пумпите за доток на вода, објави „А1он“.
Хидросистемот, со кој повеќе од 20 години преку пумпи се полни езерото од македонска страна, е во надлежност на Министерството за животна средина. Тој повеќе од три месеци не е во функција. Поранешниот директор на системот, Филип Дончовски, вели дека пумпите биле изгасени кон крајот на февруари, поради високите сметки за струја, и оттогаш воопшто не се пуштени.
„Сега веќе по три месеци стопирање, забележливо е дека се намалува водостојот. На брегот е сосема видливо дека нивото на водата опаѓа“, вели Дончовски за „А1он“.
Тој очекува дека проблемот особено да дојде до израз во август и септември, кога од грчката страна на езерото ќе ги вклучат пумпите за наводнување на нивите околу езерото, како и со испарувањето на водата поради летните горештини.
Од Министерството за животна средина признаваат дека ги исклучиле пумпите поради превисоките трошоци за електрична енергија, но тоа го оправдуваат со водостојот на езерото, кој во последниот извештај бил малку над нормалното ниво.
Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, не одговорил на повиците од „А1он“ за изјава околу проблемот.