Свет

Макрон по состанокот на Г7 најави координирано ослободување на 100 милиони барели нафта од резервите

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска на платформата „Икс“, по средбата со лидерите на Г7 посветена на глобалната енергетска ситуација, изјави дека учесниците „се договориле координирано да работат на намалување на цените на нафтените деривати, особено на дизелот“.

„Одлучивме да го направиме производството пофлексибилно за да го достигнеме максималниот капацитет на нашите рафинерии, да ги отвориме нашите стратешки резерви до 100 милиони барели со партнерите и во координација со Меѓународната агенција за енергија во текот на следните четири месеци и да не преземаме никакви мерки за ограничување на размената на енергија и нафтени производи меѓу земјите партнери“, напиша Макрон.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, исто така се огласи на платформата Икс, наведувајќи дека „на нашите граѓани им е потребна достапна енергија и тие ја заслужуваат“.

Таа напиша дека Г7 „ќе продолжи тесно да се координира за да се постигне таа цел“.

„Ја поздравуваме одлуката на земјите од Г7 да не воведуваат никакви извозни забрани за сојузниците, како и континуираната солидарност меѓу партнерите“, напиша Фон дер Лаен и изрази поддршка за „координирано отворање на резервите на гориво, со продолжување по патот на транзицијата кон чиста енергија, за да се постигне поголема енергетска безбедност“.

Таа му се заблагодари на француското претседателство за организирањето на „овој важен собир“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons