Утре посебен режим на сообраќај во Скопје поради посетата на Фон дер Лајен
Во Скопје утре, 2 октомври, ќе има посебен режим на сообраќај на повеќе улици во поширокото централно подрачје поради официјалната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Од СВР Скопје информираат дека Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе презема мерки за регулирање и пренасочување на сообраќајот. Во текот на посетата се очекуваат привремени измени и ограничувања на движењето на возилата на сообраќајниците по кои ќе се движи делегацијата.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите на униформираните полициски службеници.
Фон дер Лајен во Скопје ќе ја заврши својата турнеја низ Западен Балкан, која од 30 септември до 2 октомври ги опфаќа Албанија, Косово, Црна Гора и Македонија. Европската комисија соопшти дека посетата е посветена на следните чекори во процесот на приближување на земјите од регионот кон Европската Унија и нивната постепена интеграција. Во фокусот е и спроведувањето на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, вреден шест милијарди евра.
Според официјалната агенда на Европската комисија, за време на престојот во Скопје Фон дер Лајен ќе има средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.



