Свет

Ерупцијата на Етна повторно го затвори аеродромот во Катанија, откажани сите летови

Сите пристигнувања и полетувања се откажани до недела во 23:59 часот, откако првично најавената забрана до пладне била продолжена.

Ерупцијата на вулканот Етна повторно предизвика прекин на воздушниот сообраќај на Сицилија, поради што аеродромот „Катанија-Фонтанароса“ е затворен.

Компанијата „SAC“, која управува со аеродромот, соопшти дека воздушниот простор е затворен поради големото количество вулканска пепел во атмосферата и неповолните ветрови. Сите пристигнувања и полетувања се откажани до недела во 23:59 часот, откако првично најавената забрана до пладне била продолжена.

На патниците им е препорачано да не доаѓаат на аеродромот пред да го проверат статусот на својот лет кај авиокомпанијата.

Прекинот на сообраќајот предизвика проблеми и на другите аеродроми на Сицилија. Комизо, Палермо и Трапани се соочија со зголемен број летови поради пренасочувањата, додека илјадници патници останаа без планираниот превоз.

Ситуацијата предизвика и реакции поради зголемените цени на авионските билети. Здружението „Acli Terra“ предупреди на необичен раст на цените на летовите кон и од островот, наведувајќи пример за билет на релација Верона-Палермо, кој достигнал околу 1.180 евра.

Од здружението побараа властите да ги следат цените и да спречат природната непогода да стане дополнителен финансиски товар за семејствата.

Реагираа и транспортните синдикати „Filt Cgil“, „Fit Cisl“ и „Uiltrasporti Sicilia“, кои ја критикуваат организацијата за време на вакви ситуации. Според нив, за ерупциите на Етна потребен е траен кризен план, наместо секојпат да се применуваат привремени решенија.

Синдикатите предупредуваат дека во вакви услови особено се погодени вработените во аеродромите и авиокомпаниите, кои се соочуваат со голем притисок и незадоволни патници без јасни насоки за постапување. Тие бараат од регионалните власти да воспостават постојан протокол за управување со последиците од ерупциите и за заштита на работниците.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons