Свет

Хрватска ја блокира Црна Гора на патот кон ЕУ

Планот на Црна Гора да стане 28-ма членка на Европската Унија до 2028 година е доведен во прашање поради нерешени спорови со Хрватска. Доколку наскоро не се постигне договор за воените злосторства, поморските граници и имотните права, целиот процес на пристапување би можел да биде запрен, пишува Јуроњуз.

Во вторникот Брисел мораше да ја одложи планираната меѓувладина конференција со Подгорица. Црна Гора се смета за кандидат кој постигнал најголем напредок во преговорите, но Хрватска го повтори своето противење на затворањето на неколку поглавја од преговорите поради билатералните прашања.

Црна Гора досега затвори 18 поглавја и планира да ги заврши преговорите за преостанатите 15 до крајот на месецот. Потоа земјите членки мора да дадат конечно одобрение за нивно затворање. Сепак, долгогодишните спорови со Хрватска го загрозуваат тој план. Дипломатите вклучени во разговорите наведуваат дека целта која Црна Гора ја поставила за крајот на годината е сè уште остварлива, но дека притисокот поради роковите се зголемува.

Загреб ја условува својата согласност со исплата на отштета на преживеаните од логорот Морињ и соработка во потрагата по 14 лица кои сè уште се водат како исчезнати од војната. Хрватска бара и гонење на наводните воените злосторства и решавање на имотно-правните побарувања на хрватските семејства во Црна Гора.

„Со цел подобрување на односите и решавање на отворените прашања, Хрватска повторно ја покани Црна Гора на дијалог на крајот од 2024 година. Овие прашања мора да се решат за да не се оптовари клучната, последна фаза од процесот на пристапување“, соопшти хрватското Министерство за надворешни и европски работи во јули.

Дополнително, Хрватска бара промена на името на базенот именуван по Зоран Гопчевиќ, поранешен ватерполист кој е поврзан со кампот Морињ. Спорот околу морската граница и прашањето за училишниот брод Јадран се исто така отворени.

Во последните недели се водеа билатерални разговори на министерско ниво, во кои учествува и Европската комисија, но сè уште не е постигнато решение. Затоа, на техничкиот состанок во вторникот Хрватска го потврди блокирањето на затворањето на 14-то поглавје за транспортната политика. Загреб во моментов ги блокира поглавјата поврзани со надворешната и безбедносната политика, правдата и основните права и правдата, слободата и безбедноста.

Нова билатерална средба треба да се одржи во Загреб на почетокот на октомври. Доколку таму се постигне доволен напредок, се очекува дека неколку поглавја би можеле да бидат затворени на меѓувладината конференција на 12 или 13 октомври.

Се проценува дека договор меѓу двете министерства за надворешни работи би можел да го реши ќорсокакот во следните два месеци, но официјалните лица признаваат дека не сите хрватски барања се подеднакво лесни за решавање. „Само прашање на време е“, кажа еден функционер под услов да остане анонимен поради чувствителноста на разговорот. „Двете страни мора да продолжат да разговараат, но тие преговори не можат да имаат однапред одреден рок“.

Сепак, времето е проблем за Црна Гора ако сака да го исполни својот план за приклучување кон ЕУ за две години. Владата во Подгорица, исто така, сака да ја одржи динамиката на процесот пред изборите што ќе се одржат во јуни 2027 година.

Европската комисија е загрижена дека овие спорови би можеле значително да го забават напредокот на најдобриот кандидат, па затоа активно посредува во постигнувањето договор. По меѓувладината конференција во јули, комесарката за проширување Марта Кос изјави дека верува оти Црна Гора може да влезе во ЕУ до 2028 година, дури и ако не ги затвори сите поглавја од преговорите оваа година.

Во тој случај, меѓутоа, успехот на Подгорица би зависел од брзата ратификација на спогодбата за пристапување. Тој процес би можел да биде забавен од претстојните избори во клучните земји членки како што се Франција и Шпанија, каде што политичките сили кои често се скептични кон проширувањето на Унијата добиваат на сила. „Клучот ќе биде брзината на процесот на ратификација во сите земји членки“, заклучи Кос.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons