Екстремните жештини ја уриваат продуктивноста, Европа годинава би можела да изгуби 113 милијарди евра
Екстремните летни жештини би можеле да ја чинат европската економија 113 милијарди евра оваа година поради падот на продуктивноста и целокупната економска активност, според проценките на германскиот осигурувач Алијанц. Најголема загуба би требало да забележи Италија, со проценето намалување на бруто-домашниот производ за 28 милијарди евра. На второ место е Германија, со проценета загуба од 25 милијарди евра, а на трето место е Франција со 20 милијарди евра изгубен БДП.
Загубите вклучуваат намалено производство и пад на економската активност поради пониската продуктивност на трудот, подолгите паузи и отсуството од работа за време на периодите на екстремна жештина. Се очекува влијанието низ цела Европа да биде малку помало од 0,5 проценти од проектираниот БДП оваа година. Проценките се дел од новата алатка на Алијанц за следење на климатските ризици, која ги комбинира податоците за времето и штетите со моделирање на очекуваните економски последици.
Алијанц предупреди и на понатамошните ризици за економијата во наредната година, поврзани со природниот климатски феномен Ел Нињо. Доколку Ел Нињо донесе и екстремно високи температури во 2027 година, економската активност во 144-те земји вклучени во истражувањето би можела да се намали за 392 милијарди евра, покажуваат пресметките на Алијанц.
Најголемите загуби треба да ги забележи Кина, втората најголема економија во светот. Одвоено, Алијанц за најголемата европска економија, Германија, дека штетите од бури, поплави и други природни катастрофи во последните пет години достигнале приближно 50 милијарди евра.
Во Германија годишните загуби од природни катастрофи биле во просек двојно поголеми отколку во периодот од 2000 до 2019 година. Во светот како целина, тие се зголемиле за 54 проценти. „Во Германија, штетите поврзани со климата се особено изразени“, кажа Франк Зомерфелд, раководител на германските операции на Алијанц во сегментот за осигурување на имот.



