МАКЕДОНИЈА ИМА СВЕТСКИ ШАМПИОН – ГЛИГОР НИКОЛОВ ОСВОИ ЗЛАТО ВО ИТАЛИЈА!
Струмичкиот борец Глигор Николов, член на клубот „К1 Арена“ од Струмица, го освои златниот медал на Светското јуниорско првенство во Лидо ди Језоло, Италија и се закити со титулата светски јуниорски шампион.
Николов настапува како дел од македонската репрезентација, а на првенството е придружуван од претседателот на федерацијата и тренерите на националниот тим. Негов матичен тренер е Пепи Велков, кој има значаен придонес во подготовките и развојот на младиот борец.
Во изјава за „Струмица Денес“, Дејан Митровски – Урко ја истакна самодовербата на Николов и неговата подготвеност да ги следи насоките на тренерите за време на борбите.
„Глигор е одличен борец, сигурен во себе и ги слуша насоките што му ги даваме ние, тренерите, додека го водиме во рингот. Тоа е заслуга и на неговиот матичен тренер Пепи Велков, кој, покрај тоа што го подготвил, му ја всадил свеста дека во тие моменти, покрај подготвеноста, најважно е и следењето на тренерските совети“, изјави Митровски.
Тој се осврна и на претстојниот настап на Велков на Европското сениорско првенство во ноември, оценувајќи го како еден од фаворитите за златен медал.
Светската титула на Николов е голем успех за „К1 Арена“, за Струмица и за македонскиот спорт.



