Свет

Трамп: Украина и Русија се согласија повеќе да не напаѓаат енергетски објекти

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека се договорил со Украина и Русија повеќе да не напаѓаат енергетски објекти.

„Украина се согласи да не напаѓа руски енергетски објекти. Русија се согласи да го стори истото! Зголемувањето на цените на дизелот низ целиот свет е главно предизвикано од војната меѓу Русија и Украина, а не од Иран“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут соушал.

Објавата на Трамп доаѓа еден ден откако тој го повика својот украински колега Володимир Зеленски да престане да го напаѓа руското производство на дизел.

Украина со месеци интензивно ја напаѓа руската инфраструктура за производство на гориво, што значително го намали капацитетот на руските рафинерии и предизвика широко распространет недостиг. Како одговор, Русија го забрани извозот на дизел, а станува збор за вториот најголем извозник на дизел во светот, веднаш по САД.

„Господинот Зеленски мора да направи едно нешто. Мора да престане да го уништува производството на дизел во Русија затоа што предизвикува недостиг на дизел“, кажа Трамп за време на официјалната посета на Ирска.

Цената на дизелот, клучно гориво за камиони, возови, трактори и бродови, во САД во петокот надмина шест долари за галон за прв пат во историјата, според податоците од Американската автомобилска асоцијација (AAA).

Во исто време, цените на нафтата на светскиот пазар надминаа 108 долари за барел поради војната на Блискиот Исток. Снабдувањето е дополнително ограничено од конфликтот во Ормускиот Теснец, низ кој претходно минуваше околу една петтина од светските залихи на нафта, додека САД и Иран се борат за контрола на клучниот воден пат.

Во меѓувреме, саудискиот гасовод Исток-Запад, главната алтернативна рута преку која земјата богата со нафта извезува нафта преку Црвено Море, беше запрен во петокот. Прекинот дојде по нападот со беспилотни летала извршен од Ирак, што ја направи ситуацијата уште потешка.

Но, Трамп тврди дека порастот на цените на дизелот не е „предизвикан од Блискиот Исток“, туку го припишува на „она што се случува во Русија и Украина“.

Украина, чија енергетска инфраструктура исто така постојано беше цел на руски напади, тврди дека рафинериите се легитимни цели бидејќи нивните напади ја лишуваат Москва од финансирање и ја намалуваат домашната поддршка за војната.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons