Свет

ЕУ се подготвува за ново проширување: новите членки без право на вето и со казни ако назадуваат

Новите членки на Европската Унија по приемот треба да се откажат од правото на вето на одлуките што во Унијата се носат со консензус, а постои и можност да им бидат скратени финансиски средства доколку назадуваат во областа на владеењето на правото или ги загрозуваат интересите на Унијата, се наведува во предлогот за реформа на процесот на проширување на ЕУ, во кој увид имал берлинскиот портал Тејбл.медиа.

Порталот пишува дека, според нацртот на реформата, аранжманот со кој новата членка на ЕУ на одредено време би се откажала од правото на вето би можел да има форма на декларација што би го придружувала договорот за членство.

Дел од реформата се и дополнителни заштитни механизми што би се применувале врз новите членки на ЕУ што покажуваат сериозно назадување, пишува Тејбл.медиа. Со помош на тој механизам, ЕУ би имала право, исто така во ограничен временски период, да ѝ ги скрати финансиските средства на новата членка.

Причина за тоа би биле „недвосмислени показатели или сериозен ризик“ дека постојат недостатоци во владеењето на правото, прекршување на заедничките вредности на ЕУ, несоодветно управување со средствата на ЕУ или загрозување на нејзините финансиски интереси.

Во нацртот на реформите е предвидена и можност Европската комисија да предложи на новата членка на ЕУ привремено да ѝ биде суспендирано учеството во одлучувањето во Европскиот совет и Советот на ЕУ, односно конкретно се наведува одземање на правото на глас.

Нацртот на реформите го подготвила еврокомесарката за проширување Марта Кос, а во него се наведува дека за една поголема ЕУ се потребни и побрзо и поефикасно донесување одлуки. Кос планира нацртот, насловен „Анализа на политиките пред проширувањето“, да го претстави на 30 септември.

Во рамките на чекорите со кои би се забрзало одлучувањето во новата, потенцијално значително поголема ЕУ, предвидено е, секогаш кога е можно, одлуките наместо со консензус да се носат со квалификувано мнозинство.

Се додава дека наједноставен начин за тоа е користењето на таканаречените „премостувачки“ (пасарела) клаузули, односно можноста за пофлексибилно одлучување без измена на Договорот за функционирање на ЕУ, кој предвидува задолжително едногласно одлучување во надворешната и безбедносната политика и за одредени финансиски прашања.

Во нацртот се наведува дека тоа би ја зајакнало способноста на ЕУ да одговори на стратегиските предизвици, вклучувајќи прашања како воведувањето санкции, човековите права, заедничката безбедност и одбраната.

Сепак, и тука би била вградена „рачна сопирачка“, која предвидува можност некоја членка спорното прашање да го упати до Европскиот совет. Се споменува и механизмот од Јанина, кој утврдува колкав процент од вкупното население на ЕУ и колкав дел од бројот на земјите членки се потребни за да се блокира одредена одлука.

Комисијата сака да ги подготви и главните институции на ЕУ за нова, поголема Унија. Еден од предлозите е бројот на членовите на Европската комисија да се намали на две третини од бројот на земјите членки, што значи дека, за разлика од досега, не би имала секоја земја свој еврокомесар.

Европскиот совет би требало да усвои систем на ротација што би ги одразувал демографската и географската разновидност. Што се однесува на Европскиот парламент, кој сега има 720 пратеници, Марта Кос смета дека има капацитет да прими и поголем број пратеници, но оценува дека тоа нема да биде можно засекогаш.

Тејбл.медиа пишува дека Европската комисија првично планирала предлогот за реформа на ЕУ да го претстави уште пред една година, но дека доцни поради „деликатното балансирање меѓу загриженоста на сегашните земји членки и чувствителноста на потенцијалните идни членки“.

Се очекува претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен во говорот за состојбата на Унијата, в среда, 16 септември, да се осврне и на прашањето како ЕУ треба да се подготви за новите земји членки, 13 години по последното проширување. Проширувањето ќе биде тема и на октомврискиот самит на ЕУ, кога се очекуваат и извештаите за напредокот на земјите кандидатки на европскиот пат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons